Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените, осомничените, на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените пари. Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе постапка против 43 лица осомничени за учество во мрежа за компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци, со кои се извршиле повеќекратни измами врз граѓани преку системот на „брзи кредити“. „Против четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е отворена истрага за кривични дела – фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама. Останатите се опфатени со поединечни дејствија на помагање или соизвршителство“, наведуваат од Обвинителството.
Според обвинителството, од јули 2022 година па наваму, осомничените со умисла и координирано, користеле слични методи и околности за повторливо извршување на овие дела, секогаш со крајна цел – остварување на имотна корист. Дел од осомничените користеле туѓи лични податоци без согласност на граѓаните, креирале лажни јавни исправи или преправале вистински, со намера тие да се користат како автентични документи. Преку внесување лажни податоци во информатички системи на повеќе финансиски друштва за „брзи кредити“ и фалсификување електронски потписи, тие на име на оштетените граѓани подигале кредити, оставајќи ги да ги отплаќаат средства кои никогаш не ги побарале. Во дел од случаите, осомничените лажно прикажувале невработени лица како вработени и кредитоспособни, со што од кредитните компании добивале исплати што потоа станувале ненаплатливи.
Во оваа шема бил вмешан и вработен во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, кој, користејќи го својот пристап до електронскиот систем на Фондот, им ставал на располагање ЕЗБО броеви на останатите осомничени. Со помош на тие податоци, тие подигале и по неколку кредити во еден ден од различни компании. Парите се ваделе од сметки и најчесто завршувале кај организаторите на оваа измамничка мрежа. Незаконски прибавената имотна корист во сите овие случаи надминува три милиони денари, наведува Обвинителството. Јавниот обвинител ќе достави предлог до Основниот кривичен суд Скопје за притвор на тројца од осомничените, додека четвртиот веќе се наоѓа во притвор во друга постапка. Да потсетиме, во декември 2024 година, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) откри дека организирана група изработувала фалсификувани лични карти со податоци од македонски граѓани, кои потоа биле користени за подигнување „брзи кредити“. Истражувачкиот документарец „Украдени животи“ покажа дека групата со тие фалсификувани документи отварала и банкарски сметки на име на жртвите. Идентитетите се краделе и од ментално попречени лица и граѓани иселени од земјата, а фалсификуваните лични карти се изработувале на Косово со фотографии од лица од Бугарија и Србија. Извор: Новинска агенција МЕТА