Назначувањето на Петар Богојески – лидер на партијата „Македонски концепт“ – за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност предизвика силни реакции во јавноста. Причината е неговата досегашна политичка и јавна активност, која често се коси со основните вредности на Европската унија. Петар Богојески, лидер на малата десно-ориентирана политичка партија „Македонски концепт“, е новиот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – институција која треба да ги промовира вредностите на Европската Унија. Но, дел од неговите објави на социјалните мрежи се во спротивност токму со европските вредности, пишува Порталб.мк. Познат по шовинистички изјави, особено кон албанската заедница, Богојески во минатото користеше навредливи термини, ширеше говор на омраза, дезинформации и беше цел на кривична пријава од сега владејачката етничка албанска партија ВЛЕН. Тој пред точно три години доби отказ и од функцијата државен советник во Министерството за одбрана поради однесување спротивно на Етичкиот кодекс на вработените во министерството. Самиот тој објави дека бил обвинет за ширење на содржини со руско влијание.
Од медиумот потсетуваат дека меѓу вредностите на Европската унија дефинирани со Договорот од Лисабон и Европската конвенција за човекови права се човечкото достоинство, слободата, демократијата и човековите права кои го опфаќаат правото да се биде ослободен од дискриминација без оглед на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус. На веб-страната на агенцијата чиј директор стана Богојески се вели дека нејзината цел е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија. „Националната агенција со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката“, стои понатаму на веб-страницата.
Како што пишува Порталб.мк, владата „крева раце“ од случајот иако има удел во ова прашање, а назначувањето на Богојески предизвика бура реакции на политичката сцена. Од Владата за Порталб.мк велат дека одлуката тој да биде назначен „ја донел Управниот одбор на Агенцијата“ и дека „таа е во согласност со законската постапка и нивните надлежности“. Сепак, самиот Закон за основање на Националната агенција за европски програми и мобилност во членот 12 стои: Претседателот и членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија Демократската унија за интеграција (ДУИ) го нарече овој потег е „навреда и омаловажување за Албанците“ и претставува „директна провокација не само за Албанците“ туку и „за самата Европска идеја во земјата“. Од партијата бараат итно повлекување на одлуката, нагласувајќи дека тоа испраќа опасна порака – омразата и дискриминацијата се наградуваат со државни функции. „Особено е иронично и трагично што тој поединец е предмет на кривични пријави токму од партиите на ВЛЕН во Владата, а денес е награден на раководна позиција со нивна поддршка“, соопштија од ДУИ. Партијата на Богојески, Македонски концепт испрати соопштение до јавноста во кое велат оти „ДУИ напаѓа затоа што не сака политичари кои се борат за македонските интереси“, обвинувајќи дека нивната политичка агенда не е насочена кон соживот, реформи и европска интеграција.
„Говорење вистина не е искажување навреди, кон никого, па ниту кон Албанци. Богојески напаѓа арамии и шовинисти, а се бори за полни граѓански права за сите етнички заедници и нов граѓански Устав на земјата. ДУИ е против граѓанска држава, затоа што сака мафијашка држава за себе“, се вели во реакцијата на Македонски концепт. Порталб.мк пишува дека ВЛЕН (Вреди) како албански партнер во власта, наместо да преземе конкретни мерки за отповикување на оваа личност од чело на оваа институција, продолжува да се занимава со ДУИ која речиси една година е во опозиција. Во реакцијата на ВЛЕН се вели дека јавноста го памети Богојески „како поддржувач на Специјалното обвинителство, реформатор на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа како македонски националист – но само привремено, како на батерии што брзо се трошат. Затоа, уште една навреда за Албанците е кога ДУИ се обидува да ја промовира идејата дека евроинтеграциите на Македонија наводно зависат од таква фигура“. Од таму нагласуваат дека „прашањето лежи во тоа зошто од ДУИ пред вака да се посрамотат не го прашале Талат Џафери како можел Богојевски да биде државен советник во Министерството за одбрана“. Порталб.мк потсетува дека токму коалицијата ВЛЕН во август 2024 година поднесе кривична пријава против Богојески за ширење на говор на омраза преку социјалните мрежи. Петар Богојески започна како реформатор во ВМРО-ДПМНЕ и гласен критичар на Мицкоски, кого во 2020 година го нарече „предавник“ и „бандит“. Но со текот на времето, неговата политичка реторика стана сè понационалистичка, а честопати и отворено ксенофобична.
Јавноста го запозна Богојески по неговите јавни настапи во 2018 година, кога се претстави како „реформатор“, личност која ќе води процес за реформирање на ВМРО-ДПМНЕ. Тој тогаш беше голем критичар на актуелниот лидер на истата партија, Христијан Мицкоски, кој го презеде кормилото на партијата по заминувањето на Никола Груевски. „Бандити и предавници“ ја нарекуваше групата која го поддржуваше Мицкоски и самиот Мицкоски. „Ајде да ја спасиме Македонија“, повика Богојевски на 3 декември 2020 година. Неговата омраза кон Албанците и кон другите етнички заедници е добро документирана на Фејсбук и сè уште се јавни тие објави. Како што пишува Порталб.мк, тој често го користи терминот „шиптар“ кога зборува за Албанците, збор кој долго време се смета за навредлив и понижувачки дури и во македонскиот контекст. Ова го има направено во неколку наврати кои можете да ги најдете овде, овде и овде. Меѓутоа, не беа само Албанците трн во очите на Богојески. Тој, исто така, изрази омраза кон бошњачката заедница преку Фејсбук. „Глумицо една, јас не сум ти крив што се мразиш себе си и кожата ти српска во која си се родила! Не сум јас крив што си го мразиш племето свое од каде потекнуваш!“, напиша Богојески на Фејсбук, кон и на активистката Мерсиха Смаиловиќ. Богојески, исто така, на 3 декември 2023 година, пред МВР и Јавното обвинителство да излезат со соопштение, објави опасна, етнички обоена и потпалувачка дезинформација во врска со грабнувањето на Вања Ѓорчевска која ги зовре социјалните мрежи. Тој сподели дека тогашната власт се обидува да прикрие убиство, изразувајќи сомнежи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“ Токму поради ваквите шпекулации дека случајот има етничка позадина, од Јавното обвинителство во своето соопштение од 3 декември 2023 година нагласија дека сите петмина осомничени за убиството се Македонци. Редакцијата на Порталб.мк се обрати до Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија за став околу назначувањето на Богојески, но сè уште не е добиен одговор. Извор: Новинска агенција МЕТА