Покрај оние за кои постои сомнение за директна одговорност, Коцевски вели дека се истражува и одговорноста на сите институции и службени лица чии постапки довеле до кабарето од самиот почеток до крајот да продолжи да работи без воопшто да поседува законски услови, рече Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски информирајќи за деталите во врска со проширената истрага за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
„Покрај тројцата градоначалници на Кочани, ОЈО дојде до основано сомнение и за тројца овластени градежни работници кои постапувале спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и законот за инспекциски надзор и воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски преименуван во угостителски објект“, вели Коцевски. Како што вели, од ДЗС, покрај директорот, поведена истрага за уште три лица на истата функција вклучително и актуелниот директор и генералниот директор во Дирекцијата кој бил на таа функција во тек на целото работење на Клубот.
„Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во законот за заштита и спасување, и законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности, не само по однос на овој клуб туку и на останатите угостителски објекти низ државата“, вели Коцевски. Ниту еднаш, вели Коцевски, низ годините согласно ризиците кои постоеле и морале да ги имаат предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор на објекти кои вршат угостителска дејност. „Со своето неизвршување на должностите , спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот“, вели Коцевски.