Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук порача дека никогаш не чувствувал завист за власта, иако признава дека е тешко да ѝ се одолее. Тој истакна дека за него политиката секогаш била и ќе остане едноставна формула: што правиме за народот, а не што правиме за себе и за тесниот круг околу нас. Инаку тој како министер за здравство уште се нема огласено за скандалот на Клиниката за кардиохирургија каде почина пациент без да биде опериран со разлистена аорта, поради тоа што немало операциона сала во функција. Материјали односно стент-графтови немало ни на торакалната клиника од каде Кардиохирургија се обратиле за конзилијарно мислење за пациентот. Под притисок на „Слободен печат“ тој му наложи на Државниот здравствен и санитарен инспекторат да влезе во инспекција на клиниката што ќе се случи утре.
– Ова беше системот којшто ја парализираше нашата заедница и затоа категорично не смееме да го повториме“, напиша Таравари, додавајќи дека проблемите во системот не се само прашање на имиња, туку на групации и менталитети. Тој апелира за суштинска промена во политичкиот пристап и ја нагласува опасноста од неуспехот да се направи таа промена: Можеме да останеме со истите имиња, но мора да го смениме менталитетот, инаку повторно ќе паднеме во кругот на незаслужени придобивки, што поедноставено значи: ќе го одмараме нашиот грб на грбот на народот.