Обвинителството во Кочани ја прошири истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со нови 19 лица, но меѓу нив не се ниту актуелниот министер за економија, Бесар Дурмиши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски. Сите се осомничени за „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, соопшти Државниот обвинител Љупчо Коцевски.
– Покрај осомничениот министер за економија, државен секретар и службеници, осомничени се министри за економија, државни секретари и службени лица од секторот за угостителство и туризам. Актуелниот министер за економија не е опфатен во постапката затоа што нема доказ дека сопственикот покренал постапка за добивање лиценца во 2024 година. Мандатот на осомничените се поврзува со времето во кое дискотеката работела со фалсификувана лиценца, рече обвинителот Коцевски. ЈОРСМ соопшти дека станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година „заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“.
Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа Министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре Клуб Пулс во Кочани од самиот почеток во подолг временски период, па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16 март 2025 година, за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои шест деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца, информира ЈОРСМ. Основното јавно обвинителство Кочани до Основниот суд во Кочани, синоќа достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување на присуството на секој од новоосомничените.
-Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена, додаде Коцевски. Со три полициски возила и придружба во Основното јавно обвинителство во Кочани синоќа околу 21:30 часот беа донесени првите неколкумина осомничени од проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“.