Министерката за финансии оди на редовната пролетна средба на ММФ и Светска банка во Вашингтон каде што ќе се зборува и за царините. Министерката за финансии Гордана Димитриeска – Кочовска очекува да има средби со американските колеги за време на нејзиниот престој на редовните пролетни средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон идната недела на кои, како што рече денеска, ќе стане збор и за царините. Но, таа уште еднаш напомена дека земјава нема некој голем негативен ефект од ваквата одлука на САД, туку повеќе е индиректно засегната, преку размената со ЕУ. Според Димитриеска Кочовска, со оглед на добрата комуникација на премиерот Христијан Мицкоски со високи лица од Вашингтон, земјава може актуелната ситуација да ја гледа како шанса и да почне директно да извезува во САД.
Таа рече дека и во царинската политика на САД ќе има промени. – Гледате и сами дека дојде до намалување на царинските тарифи. Десет отсто царинска тарифа е нешто што може да го прифатат и граѓаните на САД, но и во синџирот или поврзаноста секој по малку да преземе од тој трошок. Оваа состојба е сега веќе комплетно поразлична и очекувам дека ќе има надминување и на овие 10%, можеби ќе стигнеме и ние да искористиме како држава, зашто јас ова го гледам и како шанса за нас зашто премиерот има многу добра комуникација со високи лица од Вашингтон. Очекувам дека ќе ја искористиме во наша полза, па што и да не почнеме директно да извезуваме во САД – подвлече министерката за финансии.