Актуелниот министер без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу и уште три лица завршија во затворски притвор откако Обвинителството ја прошири истрагата и побара притвор за четворица нови осомничени за трагедијата во Кочани во која загинаа вкупно 61 лице. Според информациите на „Слободен печат“, Салиу и генералниот инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување кој бил на функцијата од 2012 година се во притвор во затворот во Куманово, додека една пазарна инспекторка на локално ниво и државен советник за угостителство и туризам во Министерството за економија се во притвор во Шутка. Поранешните министри за економија, меѓу кои Ваљон Сарачини и Беким Незири, поранешните директори и актуелниот на ДЗС, Џеват Селими и останатите добија куќен притвор или мерки за претпазливост, но не се открива за кого има мерки, а за кого притвор.
Основниот суд во Кочани вчера ги прифати предложените мерки за новоосомничените во проширената истрага што ги побара Обвинителството. -Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа- соопштија од Основниот суд Кочани. Истрагата за трагедијата во Кочани се прошири кон поранешни функционери во Министерството за економија и ДЗС, но не и во Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи. Опозициските партии обвинија за селективна истрага за најголемата трагедија што се има случено во земјава.