Улично куче нападнало осумгодишно дете на плоштадот во Битола. Детето со повреди на челото било хоспитализирано, а по медицинската помош е пуштено дома. Од Општина Битола реагираа за случајот и изразија далбоко жалење, а во соопштението испратено до медиумите велат дека во денешниот контакт со родителите, градоначалникот Тони Коњановски бил информиран дека детето се чувствува добро, но сѐ уште е исплашено после вчерашната случка. Коњановски, посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласил дека Општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.
„Во координација со Комуналец, Општина Битола веќе ги презема сите потребни мерки за спречување на вакви случаи. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња. Прифатилиштето ‘Хачико’, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика“, соопштија од Општината.