И во првите 35 лица што иницијално беа осомничени во истрагата, и во лицата што се дел од проширувањето на истрагата за трагедијата во „Пулс“ Кочани, има Македонци, а не само Албанци Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
На комуњарите криво им е шо немало македонци, само шиптари и цигани биле уапсени…
Овие гнасиве комуњарски не бараат правда, нив ги интересира само да лежи некој од вмро. За нив сами тоа е правда.
Во склоп на објавата се споделува слика од текст на медиумот „360 степени“ со наслов: „Уапсени се Шабан Салиу, Ваљон Сарачини, Беким Незири – проширена истрагата за пожарот во Кочани“. Од фотографијата станува јасно дека објавата што се споделува се однесува на истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде животот го загубија 61 лице а околу 190 беа повредени. Непосредно по трагедијата што се случи на 16 март, јавното обвинителство ја отпочна истрагата за овој кривично-правен настан. На 12 април Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба со која ја прошири истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на нови 19 лица. Сите тие се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
„Вистиномер“ се обрати во Јавното обвинителство со прашање дали меѓу лицата кои се осомничени со проширувањето на истрагата има различни етнички заедници и добивме потврден одговор. Јавното обвинителство никогаш не настапува со информирање за имињата на оние коишто се осомничени или дел од истраги поради заштита на презумпцијата на невиност. Меѓутоа, оттаму за „Вистиномер“ рекоа дека во лицата кои се осомничени со проширувањето на истрагата за кочанската дискотека, има и Македонци. Според неофицијални, но потврдени информации на „Вистиномер“ тројцата градежни инспектори осомничени за трагедијата во Кочани со проширувањето на истрагата се Македонци, инспектор во Дирекција за заштита и спасување е Македонец, државен секретар во Министерството за економија исто така.
Станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери. Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца, се вели во официјалното соопштение на Обвинителството од 12 април.
Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена.
Дополнително, етничката припадност на осомничените не игра никаква улога, туку тие се осомничени поради надлежностите кои ги имале вршејќи јавни функции или функции од аспект на заштита или контрола во институции. Новите осомничени по функции се тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, 3 директори на дирекција за заштита и спасување (претходно 1 директор веќе е во постапка), 1 генерален инспектор во Дирекција за заштита и спасување, 3 министри за економија (претходно 1 во постапка), 2 државни секретари во Министерството за економија (претходно 1 во постапка), 3 службени лица во Министерството за економија (претходно уште 3 во постапка), 4 пазарни инспектори во Државен пазарен инспекторат (претходно уште 3 во постапка). И во првите 35 лица што иницијално беа осомничени во истрагата, и во лицата што се дел од проширувањето на истрагата за трагедијата во „Пулс“ Кочани, има Македонци, а не само Албанци. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.