Точно е дека Германија и Велика Британија најавија нова воена помош за Украина, (не 21 милијарда евра како што тврди објавата), но не затоа што сакаат војната да продолжи, туку за да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од бруталните напади на Русија, кои очигледно е дека не сопираат, иако наводно Русија води некакви преговори за мир. Доказ за тоа е и последниот масакр кој Русија го изврши со ракетниот напад врз Суми на 13 април 2025 година во кој загинаа 32 лица, меѓу кои две деца. Повредени се најмалку 84 лица, меѓу кои 10 деца, соопштија украинските власти. Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Германија и В Британија ќе стават во огин уште 1 милион млади Украинци. ЕВРОПА САКА ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ВОЈНАТА.
Германија и Велика Британија ветуваат засилена воена поддршка за Украина: Порака до Москва дека борбата продолжува. Следува воена помош во вредност од 21 милијарда евра?
Наративот дека Европа, односно Европската Унија ја почнала војната во Украина и дека Европа е таа која сака војната да продолжи, не е нов и тој е произлезен од кујната на Кремљ кој сака да се амнестира од воената инвазија, нарекувајќи ја „специјална воена операција“. Поддршката за Украина е во согласност со нејзиното право на самоодбрана. Неточно е да се каже дека ЕУ или некоја европска држава ја испровоцирала воената инвазија, а уште помалку дека европските држави сакаат војната да продолжи. Русија ја започна војната против Украина без да биде загрозена од Украина или која било друга земја во Европа. Откако Русија ја нападна Украина, таа почна да се брани затоа што граѓаните на Украина не се согласуваат да бидат територијално преземени од Русија. Европскиот совет на 9 февруари 2023 година побара Русија да се повлече од територијата што не е нејзина и во која навлезе (Украина), ама тоа не се случи.
Русија мора веднаш да ја прекине оваа страшна војна. Европската Унија ќе застане до Украина со својата цврста поддршка онолку долго колку што е потребно, стои во заклучоците на Европскиот совет од 9 февруари 2023 година.
Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.
ЕУ е во постојан контакт со украинските власти и ги поддржува во тековните преговори за постигнување мир, затоа што никој не сака мир повеќе од Украина и од Европската Унија, која е проект за мир. Но, Русија и натаму се обидува да ја потисне Украина и затоа гледате дека сите земји од соседството на Русија бегаат и очајно сакаат да ѝ се приклучат на ЕУ и ние ги пречекуваме со раширени раце, изјави на 11 април 2025 година портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Точно е дека Германија и Велика Британија најавија нова воена помош за Украина, (не 21 милијарда евра како што тврди објавата), но не затоа што сакаат војната да продолжи, туку за да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од бруталните напади на Русија, кои очигледно е дека не сопираат, иако наводно Русија води некакви преговори за мир. Доказ за тоа е и последниот масакр кој Русија го изврши со ракетниот напад врз Суми на 13 април 2025 година во кој загинаа 32 лица, меѓу кои две деца. Повредени се најмалку 84 лица, меѓу кои 10 деца, соопштија украинските власти. Дека Путин нема намера да ја запре војната говори и фактот што тој на 1 април потпиша указ за пролетна мобилизација со кој се наредува да се повикаат 160.000 граѓани на воена служба во периодот од 1 април до 15 јули, што е најголем број регрути во Русија од 2011 година.
Пролетниот повик за една година воена служба доаѓа неколку месеци откако Путин рече дека Русија треба да ја зголеми својата војска на речиси 2,39 милиони војници, вклучувајќи го и зголемувањето на бројот на активниот персонал на 1,5 милиони, што е зголемување за 180.000 во следните три години. Како Путин го отфрла мировниот договор за Украина инициран од Трамп, продолжувајќи со нападите врз цивилите, прочитајте во опширната анализа на Вистиномер. И Германија и Велика Британија се подготвени да испратат мировни трупи во Украина, што говори за тоа дека овие две држави се за мир во Украина, а не за продолжување на војната, како што тврди објавата што ја анализираме.
Не сакаме да влеземе во таа војна. Во меѓународното право постои јасна основа за мировна мисија во Украина која ќе обезбеди прекин на огнот и мирот да опстанат. Не можам да замислам Германија да не е дел од тој концепт, изјави Јирген Харт за Би-Би-Си, пренесе А1он.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.