„Вистиномер“ не пронајде ниту еден извештај на Европската агенција за лекови ЕМА во кој се наведува дека „вакцините против ковид-19 се штетни“. Напротив, на сајтот на ЕМА за европскиот регион е наведено дека вакцините против ковид-19 продолжуваат да ги штитат луѓето од сериозна болест и смрт предизвикана од ковид-19. Земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцинацијата е најголемо злосторство против човештвото. Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања. Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Вакцинација, една од најголемите гревови и злостори вршени над човештвото!
Во видеото се тврди дека „во извештај на Европската медицинска агенција е наведена штетноста на вакцините против ковид-19“, како и дека „во извештај на ЕМА се тврди дека вакцината не допринела за спречување на заразување со ковид“. Исто така споделени се неколку линкови кои веќе се оценети како невистинити, со антивакцинална содржина и во кои се упатени навреди кон луѓето што се вакцинирани. Вакцинацијата не е грев вршен врз човештвото, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме. Во неа впрочем, се прави обид да се наведе дека вакцинацијата е нешто коешто му штети на човековото здравје, а вистината е спротивна, со вакцините се спасени милиони животи ширум светот, вклучително и за вакцините против ковид-19. Вакцинацијата против ковид-19 ја следеше досега невидена кампања со дезинформации и обиди да се обесхрабрат граѓаните да ја примат вакцината, што пак, не беше успешно, бидејќи граѓаните самите, без никој да ги присилува, со потпишување на сопствена изјава за согласност, се вакцинираа за да се заштитат од ковид-19. „Вистиномер“ не пронајде ниту еден извештај на Европската агенција за лекови ЕМА во кој се наведува дека „вакцините против ковид-19 се штетни“. Напротив, на сајтот на ЕМА за европскиот регион е наведено дека вакцините против ковид-19 продолжуваат да ги штитат луѓето од сериозна болест и смрт предизвикана од ковид-19.
Вакцинацијата е најдобрата алатка за да се превенираат последиците од инфекција. Инфекцијата може да предизвика сериозна болест и долготрајна штета, вклучително кај здрави возрасни и деца. Останува особено опасно за повозрасни или болни луѓе со слаб имунитет и оние со нарушен имунолошки систем. Проценките се дека милиони животи се спасени со ковид-19 вакцинација, пишува на страницата на ЕМА.
Оттаму додаваат дека од декември 2020 година луѓето во европскиот регион примиле над 1 милијарда дози ковид-19 вакцина, што ја прави оваа програма најголемата вакцинална програма во историјата.
Регулаторите имаат досега невиден број на податоци за да ја потврдат безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19. Пред авторизација, вакцините беа тестирани во десетици илјади клинички студии со учесници коишто ги исполнија научните стандарди на ЕМА, за безбедност, ефикасност и квалитет. Како и секогаш, бенефитите од вакцините се споредуваат со нивните ризици од несакани ефекти, наведува Европската агенција за лекови ЕМА.
Дополнително ЕМА и земјите членки на ЕУ континуирано ја мониторираат безбедноста на ковид вакцините за да осигураат дека можни ризици се детектирани и менаџирани што порано.
ЕМА во континуитет ги проверува новите информации за безбедност на сите вакцини што се достапни во Европа од многу извори на податоци. Овие извори вклучуваат клинички студии, медицинска литература, пријави за сомнеж за несакани ефекти од пациенти, родители и здравствени работници, и информации споделени од други регулатори. ЕМА со внимание им приоѓа на сомнежите за несакани ефекти за да одреди дали тие биле предизвикани од вакцина или од нешто друго, како на пример болест. Ако има барем разумна можност дека вакцините би можеле да предизвикаат сомнение за несакан ефект, тоа е вклучено во информациите за производот. Тоа осигурува дека професионалците во здравството и пациентите имаат апдејтирана информација при рака, наведува ЕМА.
Оттаму потврдуваат дека безбедносниот профил на ковид вакцините одобрени во ЕУ е многу осигурувачки.
Најголемиот дел на познати несакани ефекти се благи и кратки. Сериозни несакани ефекти може да се случат, ама се многу ретки. Фатални исходи се пријавени во многу малку од овие ретки случаи, наведува ЕМА.
Во врска со изнесеното во објавата што ја рецензираме дека вакцините „не придонеле да се спречи заразувањето со коронавирусот“, јасно е дека за да добијат иницијална дозвола компаниите што ги произведуваа вакцините требаа да покажат дека вакцините се безбедни и дека превенираат вакцинираните да се заразат. Откако вакцините беа на пазарот, независни истражувачи во многу држави ги проучуваа луѓето што се вакцинираа со вакцина на Фајзер и во тие истражувања се покажа дека вакцината ја намали трансмисијата на варијантите што циркулираа во тоа време, наведуваат проверувачите на факти на Ројтерс.
Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцинацијата е најголемо злосторство против човештвото. Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.