Изминатиот викенд во Филхармонија по 22-ри пат се одржа детскиот фестивал „Поточиња“. Најавените шест претстави беа исполнети до последното место со насмеани и распеани деца кои со многу еуфорија и емоција на првите тактови на популарната фестивалска химна ги пречекаа децата – учесници на големата сцена. -Маскотата – водителот Поки (актерот Мартин Јорданоски) веднаш ја крена публиката на нозе и со првата песна „Дајте сите рачиња“ се разлеа громогласен аплауз. Се редеа новите 17 песни од фестивалскиот репертоар, а вниманието на детската публика не изостана до самиот крај на фестивалот.
Последната песна, „Стоп за војните“, испрати искрена детска порака за поубав свет, велат од организацијата на фестивалот. Додаваат дека „Поточиња 2025“ бил со хуманитарен карактер. Целиот приход од продадената дискографија на фестивалските денови, како и дел од средствата обезбедени од продажба на билетите ќе биле донирани за настраданите во несреќата во Кочани. Новите песни изведени на „Поточиња 2025“ веќе се објавени на Youtube каналот Поточиња.