Точно еден месец измина од кочанската трагедија, една од најголемите во поновата историја на Македонија. На најмасовниот погреб во неколку градови во земјава пред 30-ина дена првично закопани 59 жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“, а по неколку недели лекување во болници во странство, уште двајца им подлегнаа на повредите, па бројката на жртви се искачи на 61, меѓу кои и малолетници. Секоја сабота родителите на загинатите излегуваат на протест во Кочани, носејќи ги фотографиите на своите најмили и упатуваат порака до институциите, меѓу кои најчеста е „Стоп за селективната правда“. Токму овие сомнежи и обвинувања се главната нишка што се провлекува од почетокот на истрагата за трагедијата, по која ниту еден функционер од актуелната централна власт не поднесе оставка додека се апсеа поранешни министри.
Опозицијата побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој од почетокот ја убедува јавноста дека секој за кого ќе се најдат докази ќе одговара, без разлика на која политичка партија припаѓа. Парламентарната партија Левица поднесе и интерпелација за Тошковски, а Комисијата за политички систем не го прифати предлогот на опозицискиот Европски фронт, предводен од ДУИ, да се формира Надзорна расправа за пожарот во Кочани. Трагедијата ја „смири“ власта со републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за кого претходно беше почната постапка за негово разрешување, но таа е запрена по трагедијата. Тошковски и Коцевски си подадоа рака и сега, наместо навреди за неспособност, фрчат меѓусебни фалби поврзани со истрагата.
Еден од осомничените е во бегство Случајно или не, истрагата сè уште не стигна до началниците во ОВР Кочани и на СВР Штип, кои по трагедијата беа разрешени, а дел од нив, меѓу кои и тогашната началничка на ОВР Кочани и началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани, беа фотографирани со лидери на владејачката партија и на партиски состаноци. И во проширената истрага за полицајците, меѓу осомничените не се најдоа актуелните началници, по чија наредба би требало кобната вечер полицајците да спроведуваат акциска контрола, односно да бараат малолетници и дрога во дискотеката што се запали. Петмина од новите осомничени полицајци се во пензија, а само двајца имале активен работен однос кога се случила трагедијата. Пријавата не е за непостапување во кобната вечер, туку за дела поврзани со фамозната фалсификат лиценца за дискотеката, со која работела во периодот од 2012 до 2022 година.