Македонија повеќе од 3 месеци го одолговлекува склучувањето на договор за подготовка и изградба на Коридорот бр.8, загрозувајќи ја навремената изградба на исклучително важниот проект за колективната безбедност на НАТО и ЕУ, соопшти бугарското Министерство за транспорт и врски. Реакцијата следи откако македонското Министерство за транспорт ја обвини бугарската страна за искривување на фактите во врска со изградбата на Коридорот број 8, пренесе БГНЕС. „Република Бугарија на 15 јануари 2025 година ѝ предложи на Република Северна Македонија Нацрт меѓувладина спогодба за подготовка и изградба на објект за прекуграничен железнички тунел што ќе ја поврзува железничката мрежа на двете земји. Ова е единственото отворено прашање меѓу двете земји на полето на железничкиот транспорт, кое, сепак, не е само од билатерално значење, туку и претставува важен елемент на колективната безбедносна архитектура на НАТО и поврзаноста меѓу земјите-членки на ЕУ“ се вели во реакцијата.
Се додава дека Бугарија е подготвена веднаш да го потпише Договорот и да започне итни активности за изградба на објектот на тунелот. Доколку Скопје има забелешки на предложениот текст, Бугарија е подготвена да разговара за нивно надминување, наведуваат од бугарското министерство. „Неподготвеноста на Скопје да даде коментар за предложениот Нацрт или да ја потврди подготвеноста да го потпише текстот во сегашната форма, ја загрозува навремената изградба на исклучително важниот за колективната безбедност на НАТО и Транспортниот коридор VIII на ЕУ. Додека се чека одговор од Скопје и мобилизирање на вниманието на партнерите од НАТО и ЕУ за овој проблем, Република Бугарија ќе продолжи да ги гради и модернизира делниците од Коридорот 8 на своја територија, во кои веќе има инвестирано над 4 милијарди лева“, се вели во ставот на бугарското министерство за транспорт.