
Помала или поголема, неизвесноста секогаш е присутна на берзите, а минатата недела токму таа неизвесност предизвика големи турбуленции за сите големи светски берзи. Шокот што го предизвикаа царините на претседателот Доналд Трамп се смири откако дел од нив беа повлечени или ставени во мирување. Ова доведе до стабилизација на пазарите до крајот на седмицата, но инвеститорите се соочија со пад на вредноста на акциите на самиот почеток од минатата седмица што го обележа денот понеделник како „црн понеделник“, кој како пример сигурно ќе биде забележан во учебниците.
Со ваков став излезе Коста Костадиновски, директор на „Капитал Ассет менаџмент“ во вестите на МТВ, објаснувајќи дека клучот за успехот на берзата не секогаш „лежи“ во брзите реакции, туку во доследноста на стратегијата, соодветната едукација и поддршката од искусни инвестициски советници.„Во време кога вестите од светот ги тресат глобалните пазари, токму смиреноста, знаењето и искусниот инвестициски советник прават разлика меѓу паника и профит“, вели Костадиновски и дообјаснува: “Понеделникот беше ден кога пазарите потврдија дека логиката и стратегијата имаат предност пред емоциите. Едноставно берзата е место што бараат рпение и ги наградува трпеливите и професионалците, а минатата недела беше вистински тест за нервите на инвеститорите. Најголемите добитници беа оние кои останаа смирени и ја препознаа можноста да купуваат пониско и да заработат кога сѐ ќе се смири. Најчесто станува збор за институционални инвеститори кои добро го познаваат ритамот на пазарите. За разлика од нив, помалку искусните учесници во пазарот често реагираат интуитивно – продаваат во страв и така, можеби, ги доживеаја најголемите загуби“.
Според Костадиновски, интуицијата е добра во животот, но на берза – логиката е таа што победува. Берзата треба да се разбере како место каде што се купува кога е поевтино и се продава кога вредноста ќе порасне. Но, тоа е полесно да се каже отколку да се направи, особено кога графиконите паѓаат и насловите врескаат за економски крах. Македонската берза ја започна неделата негативно, но подоцна индексите се стабилизираа. Влијанието не произлегуваше толку од самите царини, туку од општата атмосфера и стравот кој се прелеваше од глобалните берзи.„Турбуленциите не ја одминаа Македонската берза иако домашните котирани компании не се, во голема мера, изложени на американски извоз. Македонскиот пазар неделата ја започна негативно, но дел од загубите беа надоместени во наредните денови. Во глобален свет, информациите патуваат брзо, а психолошкиот ефект врз инвеститорите е силен. Дури и кога нема директна врска со конкретни мерки, неизвесноста на светските пазари се прелива и кај нас“, вели Костадиновски.
Што нè чека понатаму на домашната или глобалните берзи? Никој не може да каже со сигурност. Ситуацијата е променлива и додека некои држави постигнуваат договор, други се наоѓаат во постојан економски судир што резултира со нови повисоки царини. Но, едно е предвидливо, а тоа е дека домашниот пазар ги следи случувањата на светските берзи. За оние што се подготвени, што имаат јасна стратегија и што знаат да го искористат моментот – овие турбулентни времиња може да донесат не само преживување, туку и екстра профит.„Очекувам пазарот повторно да даде шанси за екстра профит – за оние што се подготвени да ‘пловат’ низ турбулентните води на глобалната економија. Берзата не е за оние што бараат сигурност, туку за оние што се спремни да ризикуваат паметно. Видовме и дека обемот на тргување на странските пазари значително се зголеми, што дополнително го потврдува влијанието на емотивните реакции кај дел од учесниците на пазарот“, порачува Костадиновски. Минатата недела покажа дека во играта на бројки и нерви, најдобро поминуваат оние што умеат да останат трезвени, додека помалку искусните инвеститори беа склони кон панични одлуки, продавајќи под влијание на страв.