Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, денеска ги посети градежните работи во селото Здуње, Гостивар. Лимани истакна дека овој проект опфаќа асфалтирање на околу 1.5 километри, а се очекува работите да завршат во текот на следниот месец. „Пред поставувањето на новиот асфалт, беше отстранет стариот слој, извршено е нивелирање и поставување на тампон. Се очекува патот да биде готов од средината на наредниот месец, а финансиската вредност на проектот е околу 10 милиони денари“, изјави Лимани.
Тој додаде дека овој пат бил еден од најоштетените и долго време претставувал барање на жителите од ова село. Овој проект е дел од заедничките инвестиции на Општина Гостивар и Владата на Република Северна Македонија, а слични инфраструктурни проекти се очекува да бидат промовирани и во наредниот период.