Врховниот суд ја прифати жалбата на Вишото јавно обвинителство и го врати предметот за сообраќајната несреќа во која пред десетина години загина малолетниот пешак, Иван Билински, случај за кој се уште нема правосилна пресуда против обвинетиот Џенис Мекиќ. Предметот се враќа пред Апелациониот суд. -Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на ден 15.04.2025 годинa донесе Решение ВКЖ2-15/25, со кое жалбата на Вишото јавно обвинителство КОЖ-2254/24 од 12.02.2025 година, изјавена против Решението на Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје КСЖ-1011/24 од 03.02.2025 година со кое дозволено е повторување на кривичната постапка против обвинетиот Џенис Мекиќ за кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, ја уважи, обжаленото решение го укина и предметот го врати на повторно постапување и одлучување пред Апелациониот суд Скопје – соопшти попладнево Врховниот.
Највисокиот суд одлучуваше по жалба на Вишото обвинителство кое сметаше дека трева да се отфрли решението бидејќи обвинетиот пријавил адреса на која со години не бил присутен и бил воден дека е во бегство. Мекиќ во два наврати е осуден за сообраќајната несреќа, првата затворска пресуда беше поништена од Врховниот суд, а втората беше донесена во негово отсуство бидејќи полицијата не можеше да го пронајде и приведе на судење. И на двете судења доби затворски казни за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Иван Билински настрада на 15-годишна возраст на пешачки премин кај Католичката црква.