Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски денеска ја одржа првата средба со новинарите. Тој информираше за актуелната состојба во општината и за планираните активности во наредниот шестмесечен мандат од неговата функција. Изразувајќи сочувство и почит кон настраданите и семејствата на повредените лица во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, тој истакна дека една од првите одлуки е од општинскиот буџет на Кочани да се уплатат три милиони денари на Фондот за солидарност на Црвен крст на РСМ.
– Состојбата во Општината е алармантна со делумно реализирани проекти, а таква е и во комуналното претпријатие „Водовод“, каде што сѐ уште не се знае дали е валидна оставката на директорот. Нема ниту технички директор, а долгот е 3 милиони евра, најмногу по основ на неплатена електрична енергија. Катастрофална е состојбата и со човечките ресурси во Територијалната противпожарна единица, каде што се потребни 32 пожарникари, а има 16. Со решавање на кадровската состојба во КЈП „Водовод“ ќе направиме тоа да биде функционално. Алармантна е состојбата и со дивоградбите со што е нарушена и безбедноста во градот. Најавувам сериозна борба и кривични пријави против незаконските градители, без толеранција и без отстапки кон никого, истакна в.д. градоначалникот Крстевски. Упати апел до градоначалниците од другите општини и до Владата за помош и поддршка за Општина Кочани.