Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, на денешната прес-конференција информираше дека успешно е извршена трансплантација на црн дроб и бубрези, земени се и материјали за коскени ткива. Тој им се заблагодари на сите здравствени работници кои, и покрај бројните предизвици, продолжуваат да постигнуваат резултати.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски, информираше дека на Клиниката за дигестивна хирургија на 12 и 13 март се извршени две сложени интервенции: успешно е трансплантиран црн дроб и два бубрега од кадаверичен дарител, а дополнително се експлантирани коскени ткива и лигаменти. Станува збор за петта трансплантација на црн дроб во Македонија – додаде Костовски.
Тој посочи дека иако јавноста беше фокусирана на несреќата во Кочани, екипите во Скопје тивко, но посветено, продолжија со работа, успешно изведувајќи интервенции кои спасуваат животи. Исто така, на Клиниката за дигестивна хирургија е направена првата баријатриска интервенција кај пациент со зголемена телесна тежина која е целосно покриена од буџетот на Фондот за здравствено осигурување. Станува збор за пациент кој тежел 130 килограми, а кому индексот на телесна маса изнесувал 40. Националниот координатор за трансплантација, професорката д-р Билјана Кузмановска, потсети дека зад секоја статистика стојат човечки приказни. – Тие што донираат се тивки херои. Ние сме тука да им дадеме признание, бидејќи тие го продолжуваат животот на другите – рече таа, посочувајчи дека нституциите соработуваат со странски здравствени системи за едукација на кадарот, со цел зголемување на капацитетот на домашните тимови
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека Фондот од јули досега има испратенио пет пациенти во странство за трансплантација од жив донор. Целта, е во Македонија да се достигне просек од 10 трансплантации, годишно, со живи дарители.
Проф. д-р Антовиќ посочи дека кога станува збор за трансплантација од жив донор, се зема половина црн дроб од здрав човек, најчесто некој од семејството на пациентот, додавајќи дека тоа е сложена процедура. За таа цел, во завршна фаза е набавката на нов микроскоп, кој е клучен за сложени интервенции кај жив дарител.