Семејството на пензионираниот полициски службеник, Сашко Димитров, за кој денеска од страна на МВР беше објавено дека е недостапен за органите на прогонот, а по социјални мрежи се пишуваше дека човекот е избеган во странство, демантира дека лицето е во бегство. Како констатирале дека е во бегство кога никој не го побарал човекот? – прашува семејството на полицаецот кој е во пензија. – Јас сум син на полицаецот кој се води дека е во бегство, мајка ми исто е вработена во МВР и цел ден беше на работа во ПС Штип и никој не ја прашал каде е маж ѝ, мене никој не ме прашал, кај нас дома никој не дошол да праша каде е татко ми, вели во разговор со Инфомакс Славче Димитров, син на полицискиот службеник за кој Тошковски тврди дека е во бегство.
Во врска со обвинувањата дека неговиот татко дал дозвола и констатирал дека дискотеката „Пулс“ има паркинг, синот вели дека таму пред неколку години фактичката состојба е дека имало паркинг, но тоа се променило по неколку години. – Татко ми е повеќе од 4 години во пензија, го гонат за пркингот, но тогаш паркинг фактички имало и на паркингот имало и табла „За дискотека Пулс“. Веројатно после тоа е нешто изградено таму па нема паркинг, објаснува синот и додава дека дозволата за дискотеката се обновува секоја година. Зошто тогаш не се гонат сите службеници кои откако фактичката состојба се сменила и немало простор за паркинг, ставиле потпис дека паркинг има. Сопругата на полицискиот службеник, Силвана, потресено раскажува за нечовечкиот однос на лица од внатрешна контрола на МВР кон нејзината ќерка, која исто така е вработена во МВР, а за која по социјалните мрежи се шират навреди и невистини. – Не е точно дека од ќерка ми се излезени информациите дека ќе се апси, таа не е повеќе во внатрешна контрола, нема како да ги знае информациите, исто и до мене не можат да дојдат такви информации, вели соругата.
– Маж ми единствено е побаран преку ќерка ми, вчера ѝ се јавуваат од внатрешна контрола и ѝ викаат „кажи каде е татко ти, треба да го апсиме, ако не кажете знаете ли што ќе се случи?“. Ќерка ми веднаш дојде во Штип за да видиме каде е татко ѝ, заканата од лицето Џавид од внатрешна контрола е пријавена, но колегите не го бележат тоа како кривична пријава, туку заведена е само поплака. Мене не ме ни пуштија во ПС Штип, на капија ми рекоа дека началничката рекла да не ме пуштаат на капија. Јас се колнам во моите три деца, ова што го кажувам е вистина, раскажува сопругата на полицискиот службеник која додава дека и денеска нејзината ќерка ќе отиде во станица и со медицински извештај ќе поднесе кривична пријава за вработениот од МВР кој ѝ ушатил закани. Силвана нагласи дека ќе ги тужат и лицата кои на Фејсбук, дел од личен, а дел од лажни профиси споделуваат секакви гнасотии за семејството Димитрови. За тоа каде е полицискиот службеник, семејството вели дека тој е во Охрид, одмора како и секој пензионер и дека денес или најдоцна утре сам ќе отиде во Обвинителството.
– Човекот е во Охрид, пензионер е, единствено го побарале по телефон и кај неговиот татко кој е стар човек. Маж ми сам ќе се појави во обвинителство, тој и претходно двапати беше повикан во ОЈО и даваше изјави, истакна неговата сопруга. МВР и ОЈО ГОКК претходно соопштија дека едно лице не е достапно за органите на прогонот и дека ќе се преземат сите законски мерки за обезбедување на лицето. Семејството истакна дека е под голем стрес откако по социјалните мрежи со фотографии биле објавени членовите на семејството и тоа со изнесување на низа невистини за нивните лични животи и нивните професионални кариери.