Во најновото издание на шорткастот „Интеркултура“ на ИМА, Роберт Алаѓозовски разговара со Ѕвездан Георгиевски, познат новинар со повеќе од 40 години искуство во професијата и автор на првата колумна во македонскиот печат, кој неодамна ја доби наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ од Здружението на новинарите на Македонија, како признание за неговиот траен придонес во македонското новинарство. Правејќи споредба на квалитетот на новинарството од минатото и денешницата, Георгиевски цени дека новинарството порано било поквалитетно затоа што немало многу медиуми, но и затоа што денес немаме сериозен погон за квалитетно новинарство кое чини и го уредуваат читателите, наместо новинарство кое живее од реклами, го уредуваат фирмите или политичките структури и нуди бесплатни информации.
„…Мене проблемот во македонското новинарство ми е токму тоа, што немаме погон, сериозен. Значи, медиумите живеат од реклами. Информацијата е скапа. Да се направи сериозен медиум е скапа работа…Кај нас се научивме, човек – медиум. Имај мобилен телефон и ти имаш медиум и можеш да информираш. И, информацијата е бесплатна. Не е бесплатна. Информацијата е стока, роба како секоја друга. И, ако ја платиш поскапо, биди убеден дека добиваш поквалитетна. Ако ја платиш поевтино, добиваш бофл. Ако е бесплатно, добиваш ништо… Весникот ќе ти го уредуваат или читателите, или маркетингот, фирмите или политиката. Ако сакаш читателите да ти го уредуваат, ќе го продаваш по цена која чини. Ако сакаш да го уредуваат фирмите, ќе им се продадеш на фирмите. И тогаш веќе ти не си средство за информирање на твоите читатели, туку си пропагандно средство на тој што те плаќа. Исто и со политиката. Ако те плаќа политиката, ти ќе работиш за неа“, објасни тој.
Оттука, Георгиевски смета дека сепак постојат медиуми како ИРЛ, Призма, 360 степени, коишто ги задоволуваат професионалните и етички новинарски стандарди, и тоа се медиуми коишто се независни од финансирање од домашниот пазар. „Ги почитуваат баш етичките стандарди, професионализмот. Лесно ми е да ги читам нивните текстови, тоа е многу важно. Не го полнат просторот по секоја цена. Значи, не им е важен број на кликови. Не прават клик-бејтови…не ги лажат луѓето“, истакна тој. Георгиевски цени дека дополнителен проблем во македонското новинарство е што не е регулирано, иако е комплицирано да се направи соодветна регулација на новинарството поради поделеност на интересите.
„Државата нема волја да го среди медиумскиот простор. Не е квалитет да имаш ти 200 телевизиски станици. Квалитет е да имаш 4-5, како во Хрватска на пример, но знаеш дека се тоа погони кои ќе работат професионално, и кому ќе се даде концесија…Знам дека ЗНМ и Синдикатот новинарски што јас го водев жестоко беа против државата да се меша во медиумите во смисла на носење закони, со идеја дека законите не ги носат новинари, туку пратеници. И, тие ќе донесат пак некои закони кои ќе им одговараат на пратениците, а не на новинарите или на новинарството. Меѓутоа, мора да дојдеме до некој стадиум да се средат тие односи некако…И новинарските интереси се поделени. Новинар – газда на некој медиум си има свој интерес. И не можеш него да го убедиш дека сега е добро да се одвои од центарот на моќ што го плаќа, од кој живее убаво…“, образложи Георгиевски. Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.