Поминаа триесет дена од трагедијата во Кочани, во која го загубија животот 61 лице, а уште 200 беа тешко повредени. По 30 дена, повеќе од јасно е дека истрагата за овој настан се води селективно и во сосема погрешен правец. Ова не е случајно или поради незнаење, туку намерно — со цел да се заштитат актуелни функционери, службеници и началници што морале да постапат кобната ноќ, но тоа не го сториле, реагираат од политичката партија СДСМ. – До овој момент се води истрага, замислете, против дури 59 лица, од кои само двајца се актуелни функционери, а само еден е началник кој бил во оставка. Замислете, по девет месеци на централна власт и речиси четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, никој од нивните не е одговорен, а одговорни се сите службеници и функционери до 2022 година. Кај сите осомничени се водат постапки за периодот од 2012 до 2022 година. Но, што е со одговорноста на оние што на денот на пожарот — 16 март 2025 година — биле на високи полициски функции, но и во други институции? Во изминатите 30 дена, сите правници и експерти за безбедност потврдија дека актуелните раководства на полицијата, ДПИ и низа други институции имале директна одговорност за овој настан – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
Дури седум началници, командири и заменик-командири од полицијата, кои според законот вечерта биле должни да го превенираат пожарот и да го обезбедат настанот, не го сториле тоа, реагира Кузеска – Како е можно, и по која правна логика, никој од нив не е одговорен за настан што се случил за време на нивната смена, а виновни се само претходните? Зошто, на пример, началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, не е меѓу опфатените со истрагата?, прашува портпаролката на СДСМ. Таа, исто така, реагираше на тоа што меѓу приведените не е ниту началникот на крими-полицијата во Кочани, Томо Донев – Како е можно ниту началникот на СВР Штип, ниту началникот на крими-полицијата во Штип, исто така да не се опфатени со истрагата? Законските надлежности на полицијата во Кочани и Штип се директно поврзани со безбедносните пропусти таа вечер и непосредно пред трагичниот настан. Да постапеле, дискотеката ќе била затворена навреме — пред да се случи трагедијата. Со едно законско постапување можело многу да се промени. Најважно, можеле да се спасат животи – додава таа.
Портпаролката упати прашање до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, дали ќе дозволи покрај целата болка на семејствата, на крајот да добијат и селективна правда? – Министре Тошковски, нели имате малку совест? Вие вршите политички терор и прогон само за да ги заштитите оние што вие сте ги именувале и поставиле. СДСМ беше конструктивна цели 30 дена, оставајќи простор на истрагата, но сега е јасно — оваа истрага е сè, само неправна постапка. Вашата цел не е ништо друго освен создавање целосно лажна слика за тоа кој е одговорен и насочување на истрагата кон минатото. Ова го правите од првиот ден – додаде Кузеска.