На 15 јануари 2025 година, Република Бугарија ѝ предложи на Република Северна Македонија нацрт-меѓувладин договор за подготовка и изградба на прекуграничен железнички тунел што ќе ја поврзува железничката мрежа на двете земји. Ова е единственото отворено прашање меѓу двете земји во областа на железничкиот транспорт, кое, сепак, не е само од билатерално значење, туку претставува и важен елемент на колективната безбедносна архитектура на НАТО и поврзаноста меѓу земјите членки на ЕУ, информираат од бугарското Министерство за транспорт и врски во врска со Коридорот 8. Реакцијата следува откако македонското Министерство за транспорт ја обвини бугарската страна за искривување на фактите во врска со изградбата на Коридорот број 8, пренесе БГНЕС.
Во реакцијата се додава дека Бугарија е подготвена веднаш да го потпише Договорот и да започне итни активности за изградба на објектот на тунелот. Доколку Скопје има забелешки на предложениот текст, Бугарија е подготвена да разговара за нивно надминување, наведуваат од бугарското министерство.
“Повеќе од три месеци нема одговор од Република Северна Македонија на Нацрт-спогодбата. Постои периодично инсистирање на состаноци без јасна цел и конкретни прашања за дискусија. Неподготвеноста на Македонија да даде коментари за предложениот Нацрт или да ја потврди својата подготвеност да го потпише текстот во неговата сегашна форма ја загрозува навремената изградба на исклучително важниот за колективната безбедност на НАТО и ЕУ транспортен Коридор 8. Додека чека одговор од Скопје и го мобилизира вниманието на своите партнери од НАТО и ЕУ кон овој проблем, Република Бугарија ќе продолжи да ги гради и модернизира делниците од Коридорот 8 на своја територија, во кои веќе инвестираше над 4 милијарди лева“, велат од бугарското министерство за транспорт и врски.