Почитувани граѓани, почитувани медиуми, Поминаа триесет дена од трагедијата во Кочани, во која го загубија животот 61 лице, а уште 200 беа тешко повредени. По 30 дена, повеќе од јасно е дека истрагата за овој настан се води селективно и во сосема погрешен правец. Ова не е случајно или поради незнаење, туку намерно — со цел да се заштитат актуелни функционери, службеници и началници што морале да постапат кобната ноќ, но тоа не го сториле. Почитувани граѓани, до овој момент се води истрага, замислете, против дури 59 лица, од кои само двајца се актуелни функционери, а само еден е началник кој бил во оставка.
Зошто, на пример, началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, не е меѓу опфатените со истрагата?
Зошто началникот на крим-полицијата во Кочани, Томо Донев, не е меѓу приведените? Како е можно ниту началникот на СВР Штип, ниту началникот на крим-полицијата во Штип, исто така да не се опфатени со истрагата? Законските надлежности на полицијата во Кочани и Штип се директно поврзани со безбедносните пропусти таа вечер и непосредно пред трагичниот настан. Да постапеле, дискотеката ќе била затворена навреме — пред да се случи трагедијата. Со едно законско постапување можело многу да се промени. Најважно, можеле да се спасат животи.
Дали овие луѓе се под политичка заштита на Панче Тошковски и ДПМНЕ? Почитувани, Директно го прашуваме Тошковски — зар ќе дозволите покрај целата болка на семејствата, на крајот да добијат и селективна правда? Министре Тошковски, нели имате малку совест? Вие вршите политички терор и прогон само за да ги заштитите оние што вие сте ги именувале и поставиле.