„Дигитален мост“ и Веб-платформа за канцелариите за контакт со граѓани на Собранието на Република Северна Македонија, се двете нови веб-решенија за унапредување на отвореноста, комуникацијата со граѓаните и на дигиталните процеси на законодавниот дом. Претставници на компанијата „Симфоника“, како изведувач на Веб-платформата за канцелариите за контакт со граѓаните и на „Бреинстер“, како автори на решението „Дигитален мост“, кое е победничко на собранискиот Хакатон, ги презентираа новите платформи пред претседателот на Собранието Африм Гаши и генералната секретарка Марина Димовска.
На презентацијата присуствуваа и претставници на Националниот демократски институт (НДИ) и на Центарот за управување со промени (ЦУП), како партнери во Програмата за парламентарна поддршка (ПСП). На настанот беше истакнато дека новите решенија, што се очекува да се имплементираат наскоро, во делот процесите на целосна дигитализација на Собранието, се од најголемо значење за граѓаните. На овој начин на граѓаните ќе им станат подостапни сите информации поврзани со седниците во Парламентот, како и можностите за контакт со пратениците.
Новите решенија, како што беше посочено, се посебно значајни и за одредени професии, како за новинарите, истражувачите и за невладините организации, академијат и граѓанското општество. „Дигиталниот мост“ и Веб-платформата за канцелариите за контакт со граѓани на Собранието следната недела ќе бидат презентирани и пред координаторите на пратеничките групи застапени во Парламентот.