„Сакам да го зајакнам приватниот сектор во Србија, сакам повеќе студенти да имаат право на буџетско финансирање на приватните факултети отколку што е случај денес“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, најавувајќи нов закон „со кој парите на факултетите ќе се распределуваат поинаку“. „Уште една важна работа што ќе ја предложам – и како граѓанин и како претседател, имам законска иницијатива, ќе прашам, ќе видам дали ќе се согласи Владата – ако не, ќе одам против Владата во Народното собрание, и ќе видам дали можам да обезбедам мнозинство во Народното собрание на Република Србија, да се донесе закон со кој ќе се распределуваат пари на факултетите поинаку“, рече претседателот на Србија на денешното обраќање до јавноста објавија српските медиуми.
„Сакам повеќе студенти да имаат право на буџетско финансирање на приватните факултети отколку што е случај денес. Приватните факултети се покажаа како многу постабилни, многу посериозни како факултетите и универзитетите кои сакаат да обезбедат знаење и образование на луѓето. Приватната сопственост се покажа како сопственост што управува со капацитетите многу подобро од државниот имот. “, рече Вучиќ. Бидејќи е така, додаде – „тогаш да помогнеме во развојот на приватните универзитети и факултети заради доброто образование“. „Со ова ќе се урне монополот на државните факултети, тие никогаш повеќе нема да можат никого да уценуваат. Ако сакаат да преживеат, ќе мора да се борат на пазарот на неспоредливо посериозен начин, а нашите деца ќе можат да учат“, рече тој.