Италија ќе ги зголеми трошоците за одбрана на два отсто оваа година, во согласност со барањата на НАТО, изјави денеска италијанскиот министер за економија Џанкарло Џорџети. „Свесни сме за потребата од зголемување на трошоците во наредните години“, изјави Џорџети во парламентот, пренесе Ројтерс.
Издатокот од 2 отсто изнесува околу 11 милијарди евра, при што Италија најави прилагодување на сметководствените критериуми за да вклучи одредени ставки кои претходно не биле вклучени како трошоци за одбраната. Ова вклучува распределби за одредени цивилни технологии, како и пензии што им се исплаќаат на пензионираните војници, јави Танјуг.
Европската комисија предложи да им се дозволи на земјите-членки на ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5 отсто од бруто домашниот производ во следните четири години, без ниту еден од дисциплинските чекори што вообичаено се активираат кога државните дефицити се зголемуваат над 3 отсто од БДП. Проектираниот буџет за одбрана на Италија за 2024 година беше 1,49 отсто од БДП, меѓу најниските нивоа на распределба во Алијансата.