Постојат многу можности и грчките компании можат да пренесат искуство и експертиза кои, можам да кажам, се покажаа како корисни и доста успешни. Трговијата и инвестициите меѓу нашите две земји продолжуваат да растат, поттикнати од силни деловни врски и заеднички економски интереси, вели во интервју за Фактор, потпретседателот на Грчката Бизнис Асоцијација, Илиас Пападопулос, кој е и Сениор директор за кредитни ризици во Стопанска Банка АД Скопје.
Како Потпретседател на Грчката бизнис асоцијација, како гледате на моменталната економска и деловн клима за грчките компании кои работат во земјата?
Пападопулос: Грчките претпријатија работат во динамично економско опкружување, кое понекогаш вклучува и предизвици. Постојат многу можности и грчките компании можат да пренесат искуство и експертиза кои, можам да кажам, се покажаа како корисни и доста успешни.Трговијата и инвестициите меѓу нашите две земји продолжуваат да растат, поттикнати од силни деловни врски и заеднички економски интереси.Културите се многу слични, приспособувањето на флексибилноста и носењето паметни одлуки се заеднички карактеристики. Постојат предизвици поврзани со комплексноста на регулативата и бирократијата, што понекогаш може да го забави деловното работење.Нашиот фокус во Грчката бизнис асоцијација е да ја олесниме соработката, да ги надминеме тешкотиите, да ги поттикнеме инвестициите, и да ги поддржиме претпријатијата.
Какви можности гледате за понатамошен развој и поголема соработка меѓу компаниите во двете земји?
Пападопулос: Како што веќе реков, грчките компании можат да ја пренесат својата специјализирана експертиза во поглед на инфраструктурни проекти во енергетиката, финансиите, каде големите групации како НБГ се подготвени да инвестираат во дигитализацијата, а би го додал и земјоделскиот сектор, каде што има компании кои можат да ги пренесат своите иновативни и прогресивни практики. Освен тоа, еколошко-социјалните и управувачки практикисе приоритетни за грчките компании и тие развија рамки што можат да се применат на локалниот пазар. Во земјата постои силен претприемачки дух и за мене тоа е најважниот елемент за водење бизнис. Стопанствениците се многу активни и можам да потврдам дека ја користат секоја можност што ја имаат. Компаниите се многу динамични и се трудиме оваа порака да ја пренесеме на грчкиот пазар.
Од аспект на обемот на трговска размена со земјата, Грција е трета, по Германија и Велика Британија. Наша цел е да го зголемиме обемот на трговската размена во следниот период и дополнително да ја развиваме и да ја зајакнеме билатералната трговија. Морам да нагласам дека, особено овој период, лично грчкиот амбасадор и грчката влада активно ги поддржуваат сите наши напори.
Како ја оценувате улогата на банкарскиот сектор во поттикнувањето на трговијата и инвестициите?
Пападопулос: Банкарските и финансиските услуги можат да играат клучна улога во олеснувањето на прекуграничните инвестиции, додека иницијативите и трговските договори поддржани од владата можат дополнително да ги подобрат деловните синергии. Ние, банките, сме костурот и крвта на економијата и континуирано поддржуваме нови идеи и иновации. Конкретно,Групацијата НБГ е во процес на трансформација и дигитализација на Стопанска банка АД Скопје и инвестира во капиталот и вработените во банката.
Живеете овде последните 5 години. Какви се вашите впечатоци?
Пападопулос: Видете, не беше тешко човек да се прилагоди овде. Културата е многу слична, а луѓето се исклучително пријателски расположени и гостопримливи. Ова е порака до сите грчки компании – овде ќе наидат на соработка и голем број сличности.
Вие сте и Сениор директор за управување со кредитен ризикво Стопанска банка АД Скопје. Со развојот на економските предизвици, како банката ги прилагодува своите кредитни политики на поддршка на бизнисите и домаќинствата во несигурни времиња?
Пападопулос: Во Стопанска банка, препознаваме дека економската несигурност бара проактивен и флексибилен пристап кон кредитните политики. Се прилагодуваме нудејќи повеќе приспособени опции, флексибилни планови за отплата и иновативни финансиски производи кои обезбедуваат стабилност на претпријатијата и домаќинствата. Дополнително, вршиме анализа на податоци за поефективно да го процениме кредитниот ризик и да обезбедиме одговорно кредитирање кое поддржува долгорочен економски раст. Свесни сме за големото наследство на Банката и нејзиниот огромен отпечаток во општеството, па затоа ја комбинираме традицијата со иновативноста. Го прилагодуваме нашиот пристап кон секој поединечен клиент.“
Колку се важни дигиталното банкарство и финансиската технологија во поддршката на прекуграничните деловни активности и дали гледате простор за понатамошни иновации во оваа област?
Пападопулос: Дигиталното банкарство и иновациите во финансиското работење се од суштинско значење за модернизацијата на прекуграничните деловни активности. Трансакциите во реално време и автоматизираното финансирање на трговијата го трансформираат начинот на работа на претпријатијата. Сè уште има значителен простор за подобрувања, но, како што технологијата се развива, банките треба да продолжат да инвестираат во овие решенија за да останат конкурентни.
Гледајќи нанапред, кои се клучните приоритети за Грчката бизнис асоцијација во зајакнувањето на економската соработка?
Нашиот примарен фокус е на продлабочување на трговските и инвестициските врски меѓу двете земји преку олеснување на интеракцијата помеѓу претпријатијата, владите и финансиските институции. Освен тоа, ние сме активна клетка на општеството и учествуваме со донации, како што направивме и по трагедијата во Кочани. Наша цел е да создадеме посилни партнерства меѓу компаниите, да се залагаме за политики кои го поттикнуваат економскиот раст во регионот, како и да обезбедуваме деловни ресурси за претпријатијата во регионот да бидат успешни. Освен тоа, работиме и на иницијативи за подобрување на можностите за вмрежување, поддршка на одржливи деловни практики и максимално искористување на дигиталната трансформација за да се подобри ефикасноста во прекуграничната трговија. Нашата порака е јасна: ние сме пријатели и соседи, да соработуваме во заедничка корист.