Ќе се засадат 21.000 садници од видот бука, кој според експертската проценка е најсоодветен за ова подрачје. Македонското еколошко друштво, во соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“ започна со пошумување на пределот Буковиќ, важен природен екосистем и клучен био коридор за балканскиот рис. Ќе се засадат 21.000 садници од видот бука, кој според експертската проценка е најсоодветен за ова подрачје, како автохтон за пределот и како најзастапен, заради што и регионот го носи името Буковиќ.
„По скоро две години од отпочнувањето на проектот, после многу истражувања и анализи на терен, конечно успеавме да ги започнеме активностите за обнова на Буковиќ, кој е исклучително важен биокоридор за крупните ѕверови. Горда сум што првпат, заедно со шумарскиот сектор, работиме за иста цел, а тоа е заштита на живеалиште, кое е дом на критично загрозениот балкански рис и кој овозможува движење и опстанок на оваа ретка дива мачка и придонесуваме кон одржливост на шумските екосистеми“, вели Сара Крстевска, проектна асистентка во Македонското еколошко друштво. Извор: Новинска агенција МЕТА