Денеска православните христијани ширум светот го одбележуваат Велики петок, еден од најтешките денови во христијанството, денот кога Исус Христос бил осуден и распнат на крст, жртвувајќи се за сите луѓе и за спасението на светот. Велики петок е најтажниот воедно и најважниот ден за христијаните. Ден на голема жалост, но и подготовка за Велигден, кој важи за најголемиот христијански празник. Велики петок е денот кога Исус Христос е осуден на смрт, на поттик на еврејските свештеници и фарисеи.
На велики петок православните верници строго постат, повеќето денот го поминуваат само со сув леб и вода. Во знак на тага и жалост, црковните ѕвона не бијат на Велики петок. Околу обичаите за храната на овој ден, уште одамна е востановен строг пост на вода, односно консумирање на храна која не се пржи на масло. Затоа на Велики Петок според правилата не би требало да се јаде посен грав, риба, пржен компир. Поголемиот број христијани на денешен ден јадат варен зеленчук и овошје. Во некои манастири монасите не јадат ништо сè до заоѓањето на Сонцето, а до ова правило се придржуваат и некои верници.