Кинеското Министерство за надворешни работи во вторникот ги осуди обвинувањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Кина и испорачува оружје на Русија, објави Ројтерс. Министерството ги нарече тврдењата на Зеленски „неосновани“. „Кина никогаш не обезбедила смртоносно оружје на ниту една страна во украинската криза“, изјави портпаролот на министерството Лин Џијан.
Зеленски претходно изјави дека Украина добила информации дека Кина и доставува оружје на Русија, поточно барут и артилерија. Зеленски потсети дека за време на рускиот напад имал разговор со кинескиот лидер и поставил директно прашање за испораката на оружје за Русија. Според него, тогаш добил гаранции дека кинеската страна нема да продава или испраќа оружје во Русија, пренесува Танјуг.