Експертите од Комисијата за заштита на конкуренцијата интензивно работат да ги докажат прекршоците на двата трговски синџири, како и за откриениот картел во осигурителниот бизнис, но и кај четири големи синџири маркети и една комора, а постапките се во тек. Празна е веб-страницата на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на која би требало да се објават одлуките во прекршочна или судска постапка за трговците што го прекршиле Законот за нефер трговски практики. Тоа значи дека експертите од Комисијата сè уште работат да ги докажат прекршоците на двата трговски синџири, како и за откриениот картел во осигурителниот бизнис, но и кај четири големи синџири маркети и една комора. Од КЗК за „Слободен печат“ кусо одговорија дека постапките се во тек. – Ве известуваме дека постапките се во тек – информираа од Комисија за заштита на конкуренцијата на прашањата на нашиот весник.
Комисијата за заштита на конкуренцијата во февруари отвори прекршочна постапка за четири големи синџири маркети, но и против една од поголемите комори во земјава – Сојузот на стопански комори. Од КЗК тврдеа дека тие постапиле спротивно на законот, бидејќи на состанок утврдиле дека нема да примаат нови ценовници од добавувачите до крајот на март. – Комисијата тврди дека на тој начин фирмите ја замениле состојбата на непречена конкуренција на пазарот, со состојба на практична соработка меѓу претпријатијата чија цел е нарушување на конкуренцијата преку заедничко однесување кон добавувачите – посочија тогаш од КЗК.
Инаку, Комисијата почна да истражува откако во медиумите осамна соопштение дека било договорено меѓу сите малопродажни синџири и локални клучни партнери да не се примаат нови ценовници минимум до крајот на првиот квартал оваа година, со што ССКМ влијаел да се стекне перцепција и кај другите претпријатија кои вршат продажба на стока на мало во неспецијализирани продавници, како и кај добавувачите дека ваквиот договор е постигнат меѓу сите учесници на овој пазар и со тоа влијае врз однесувањето и на субјектите што не биле присутни на состанокот. – Поради наведеното ССКМ претставува учесник во евентуално забранетиот договор картел или усогласено однесување како координатор – стоеше во документот од КЗК.
Ако се утврди дека има прекршок, маркетите и ССК може да се соочат со казни до 10 отсто од нивниот годишен приход за 2024 година, додека ССК дополнително може да биде казнет со 1 отсто од приходот поради доставување лажни информации. Онлајн платформата „Само прашај“ објави дека на почетокот на март Сојузот на стопански комори на Македонија официјално признал дека негови претставници дале неточни информации пред Комисијата за заштита на конкуренцијата, што може да има влијание врз висината на евентуалната казна. – КЗК нема да работи само по допрен глас или по дојава, туку членовите ќе можат да ги побараат договорите од деловните субјекти, и доколку заклучат дека има одредени прекршувања потенцирано во Законот на нефер трговски практики, имаат целосно право да ги казнуваат – вели Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд.