Дефинитивното разидување меѓу Арбен Таравари и останатите лидери на ВЛЕН му оди во прилог на Али Ахмети, бидејќи при ваков сооднос на силите ДУИ влегува како фаворит на локалните избори. Притоа, времето ќе покаже дали вистинската цел на Таравари е да постигне максимален личен изборен успех или да послужи како мост за враќање на Ахмети на власт. Во меѓувреме, Биљал Касами порача дека заминувањето на еден субјект отвора простор некој друг да влезе во ВЛЕН и патем најави зголемување на владиното мнозинство. Иако не прецизираше на кого мисли, сепак, јасно е дека алудира на Зијадин Села, кој имаше непријатна разделба со Таравари и моментално е дел од Европскиот фронт.
Поделбата на коалицијата ВЛЕН која настана по заминувањето на Арбен Таравари ја нарушува досегашната рамнотежа на силите во албанскиот политички блок и може целосно да ја промени динамиката на политичката сцена. Според сите јавно објавени анкети, но и според сондажите за внатрешнопартиски потреби, владејачката коалиција ВЛЕН има(ше) приближно ист рејтинг со опозициската партија ДУИ. Арно ама, таквиот сооднос сега сериозно се доведува во прашање, па слободно може да се каже и дека се нарушува, бидејќи еден од четирите субјекти веќе не е дел од албанската владејачка коалиција. Згора на тоа, треба да се има во предвид дека Таравари е политичар со највисок личен рејтинг после Али Ахмети, а неговата одлука да се приклучи кон ВЛЕН беше пресуден елемент оваа коалиција да извади поволен резултат на последните парламентарни избори.
Зошто Таравари сега одлучи драстично да го ослабне ВЛЕН во пресрет на претстојните локални избори, има неколку објаснувања. Според едната верзија, тој бил незадоволен од неговиот статус во ВЛЕН, кој досега функционираше на партнерска основа меѓу четирите субјекти – крилото на Алијанса за Албанците на Таравари, Демократско движење на Изет Меџити, Беса на Биљал Касами и Алтернатива на чело со Зеќирија Ибраими. Наводно, Таравари сметал дека треба да има водечка улога во блокот, бидејќи, меѓу другото, токму тој го донел поволниот изборен резултат кој му овозможи на ВЛЕН да го интерпретира како изборна победа. Меѓутоа, останатите партнери сметаат дека тоа е само изговор на Таравари, бидејќи, според нив, тој бил фаворизиран и на парламентарните избори со најмногу пратеници, а и сега му биле понудени 35-40 отсто од колачот при поделбата на градоначалнички и советнички места.
Затоа, тие се уверени дека потегот на Таравари е резултат на договор зад сцената меѓу него и Ахмети, чија цел е подобрување на позицијата на ДУИ на локалните избори. Имено, со самостоен настап на Таравари се менува целата слика, бидејќи интегративците сега се со најголеми шанси да победат во гласањето за советници, што ќе биде репер за реалната тежина на партиите, бидејќи во изборот за градоначалници можно е конечниот епилог да го одлучат разни политички пактови и комбинаторики. Сепак, се чини дека вистината е некаде на средина. Можеби Таравари навистина има некаков договор со Ахмети, меѓутоа веројатно одлучил да го следи сопствениот интерес, наместо да го следи интересот на ВЛЕН. Судејќи според последните избори, кога ВЛЕН победи во Тетово и Чаир, но загуби во Гостивар, можеби Таравари пресметал дека со него ВЛЕН ќе има има генерална победа или ќе извлече нерешено, но тој би излегол како губитник дома, во Гостивар, додека неговото присуство во коалицијата ќе им овозможи на останатите партнери да победат во своите средини.
На овој начин, прво со јавното истакнување на разликите меѓу него и останатите во ВЛЕН, а потоа и со дистанцирање од коалицијата, тој можеби го „убедил“ ДУИ да му го остави Гостивар и други општини. Дали ќе испадне така или не, ќе покаже времето, меѓутоа факт е дека Таравари и отворено се залага за соработка со сите, вклучително и со ДУИ, зависно од развојот на настаните во одредена општина. Во тој контекст, тој го спомена дури и ВМРО-ДПМНЕ. Оттука, веќе јасно е разидувањето меѓу Таравари и другите лидери во ВЛЕН, но она што е нејасно е дали одредена неформална соработка за локалните избори ќе биде подготовка за целосен трансфер на Таравари во т.н. Европски фронт предводен од ДУИ, каде уште се наоѓа и другото крило на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села? За потсетување, Таравари и Села имаа непријатна разделба пред изборите, но веќе јавно се поставува прашањето колку е можно обединување меѓу нив?
–Веќе 90 посто од партијата се тука, 10 посто се останати. Пред 10 дена дојде градоначалникот на Врапчиште кој што беше во другата страна и се припои. Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е – рече Таравари, кој на конкретно прашање дали тоа се однесува на Села рече: „Ако сака добредојден е, отворени се вратите“. Села, пак, одговори во објава на фејсбук, која гласи: „Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет. Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, даден и одржан збор и мажественост се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ни куќа ни врата, а камоли голема“. Од ваквиот одговор на Села може да се заклучи дека, барем засега, директно и официјално обединување меѓу Таравари и Села е далеку од возможно. Во таа насока, неодамна во интервју за „Фокус“ Села изнесе детали за неговиот однос со Таравари и причините за разделба. Како што рече Села, Таравари следел наредби од Христијан Мицкоски и неговата цел била целосно да ја снема Алијанса за Албанците.
-Ќе објаснам која е улогата на Таравари во целата приказна и затоа ја почнав тезата. Имавме заедно претседателски со парламентарни избори и внатре во албанскиот кампус тој водеше преговори со ДУИ дали да настапат заедно, дали ќе имаме заеднички кандидат за претседател или ќе поддржиме друг. Во врска со темата, ние разговаравме со Таравари.
Треба да сметаш дека што во ситуација кога сите партии, наши опоненти, ќе имаат свои кандидати и ние мора да имаме, нели. Кога се заедно изборите, исходот од претседателските многу го одредува исходот на парламентарните избори. Проценките во тоа време беа дека ВМРО ќе победи, но тешко дека ќе стигне до 50 пратеници.
Во таква ситуација, јас му велам на Таравари, ако мора, ако истакнат другите партии, и ние ќе истакнеме претседател. Дали ќе се кандидираш за претседател? Не, не, на никаков начин, беа неговите тврдења.
Од друга страна, кога има избори, најголемиот успех и победа е балансот меѓу партиите, бидејќи тоа гарантира слобода на граѓаните. Кога една партија добива апсолутна власт да немате двоумење дека се удира врз слободата на обичниот граѓанин. Сега тоа што фали, особено во македонскиот политички блок, е балансот меѓу ВМРО и СДСМ.
И без мое запознавање, Таравари истакнува кандидатура за претседател. Тоа значи дека и другиот опонент ќе истакне кандидатура. Целта беше албанските гласачи да се соединат околу кандидатите и во првиот круг на претседателските избори, две недели пред парламентарните, ВМРО да освои апсолутна победа и од тој момент со експоненцијално растење да го зголеми бројот на пратеници. И тоа се случи. Играчот на Мицкоски во овој план е Таравари – рече Села.
Како и да е, тоа не ја исклучува можноста Таравари и Села да делуваат на иста линија околу ДУИ, дотолку повеќе што, според неофицијални информации, во позадина посредува и албанскиот премиер Еди Рама, кој се залагал за унифицирање на албанскиот глас во земјава. Наспроти тоа, косовскиот премиер Албин Курти се уште го поддржува ВЛЕН, што најдобро може да се види од однесувањето на неговиот претставник Беким Ќоку, кој го нападна Таравари.
–Одење со посебни листи за општински советници, освен што сериозно ќе ја ослабне коалицијата ВЛЕН, би го поделила и албанскиот глас. Четирите партии на ВЛЕН, поединечно, се уште се мали во однос на ДУИ. Само нивното обединување заедно со факторот Самоопределување ги прави конкурентни и доволно силни за да триумфираат на следните избори – објасни Ќоку, а пораки на иста линија упатија и Меџити и Ибраими. Сличен став има и Касами, кој веќе по вторпат интригантно порачува дека можно е засилување на ВЛЕН и зголемување на парламентарното мнозинство. Односно, откако пред неколку дена во интервју за Радио Слободна Европа рече дека ако Таравари замине од ВЛЕН се отвора простор некој друг да влезе, денес изјави дека владиното мнозинство е стабилно и најави дека е можно да се зголеми.
–Не верувам ниту дека има елементи за предвремени избори, бидејќи парламентарното мнозинство е постабилно од кога било, иако имаме информации дека има политички субјекти и поединци кои се дел од опозицијата кои се подготвени да влезат во власта – рече Касами, кој најави дека ќе иницираат репреговарање на владиното партнерство со премиерот Мицкоски, откако Таравари замина од ВЛЕН.
Тој не прецизираше на кого мисли кога рече дека „поединци од опозицијата се подготвени да влезат во власта“. Иако „Фокус“ го праша дали мисли на Села, од причина што и дел од медиумите, како ТВ 21, неодамна објавија дека ВЛЕН ќе отвори канали за комуникација со Села ако се разидат со Таравари, но не добивме одговор. Исто така, се обративме и до Села, но и тој не одговори на нашите прашања како ги коментира состојбите во ВЛЕН, дали за него е прифатлива соработка на Европскиот фронт со Таравари, колку и под кои услови е можно обедунување на Алијанса, дали има некаква комуникација меѓу него и власта…? Во секој случај, последните случувања во ВЛЕН го прават исклучително битен Села, на кого сметаат сите политички страни. Доколку Ахмети успее да најде начин да ги има своја страна и Села и Таравари, тогаш ДУИ може да се врати на голема врата на следните избори. Доколку, пак, власта успее некако да го придобие Села на своја страна, така ќе го амортизира Таравари, кој, сепак, се уште вели дека останува дел од Владата.