И во конкретната објава се користи јазик на конспиративност и вообичаениот пристап на тие наративи – дека една мала група која се противи на најголемото достигнување на современата медицина, сигурната и безбедна вакцинација, наводно ги предупредувала граѓаните да не се вакцинираат. Повторно се настапува од позиција дека тие што се вакцинирале се „неразбудени“, а тие што не се вакцинирале се обидувале да ги „разбудат“, со што директно се прави обид за влијание врз слободната волја на граѓаните да се заштитат од ковид инфекција која до неодамна беше на ниво на пандемија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува вест и се тврди:
Ние си зборувавме и ширевме информации, истражувавме, не спиевме со ноќи, плачевме, не сакавме да поверуваме во наивноста на луѓето, помагавме, дававме совети, споредувавме случаи со настаните во другите земји со троа поразбуден народ….
И понатаму ќе го правиме истото. И покрај се шо направивме да ги предупредиме неинформираните, слепи верници на Рокфелер медицината, се уште се плашам од муабети од типот:
“Зошто не ни кажавте?”. А кажувавме многу, ама нејќевте да слушате. Им кажувавме на сите, блиски и далечни, ама нивната ограничено изманипулирана слободна волја, одлучи да направи спротивно од тоа. Резултатот беше катастрофален. Забранета обдукција, ејјј.
Се уште сме сведоци на нивните лоши избори. Не обвинуваа за неукост после десетици години истражувања и неуморно учење. Бевме обвинети под изговор дека не сме доктори. Само во име на нивната лажна наука, која започна во почетокот на 20-ти век, за профит на болното население.
А станавме доктори оти удрија по нашите здраво родени дечиња, им требало вакцини за да бидат здрави. Замислете, божја творба да ја избоцкате со вакцини за да биде здрава. И после тоа мијајте рацете да не се заразите ни велеа. Тогаш почна сомнежот..
Па што им давате на неколку месечни здрави прави бебенца?
Доживотни пациенти од кои ќе профитираат.
Правдината ќе дојде неминовно, оти Вистината е како шило.
Господи помилуј!
Текстот кој се споделува во објавата е од страница која во бројни наврати споделуваше дезинформации во ковид пандемијата со име „инфо војни“. Дека имало барања за гонење не можевме да потврдиме од ниеден релевантен и етаблиран медиум, а истата вест од „инфо војни“ ја најдовме и на слични прокси сајтови.
Меѓутоа, во текстот од објавата што ја рецензираме, се настапува како тие за коишто наводно се поднесени барања за гонење, навистина да „убивале“, што секако не е вистина. Не е вистина дека во текот на ковид пандемијата и за време на ковид вакцинацијата „биле забранети обдукции“. Во текот на ковид пандемијата, во нејзината иницијална фаза, СЗО издаде соопштение во кое се тврдеше дека треба да се преземат што повеќе мерки на заштита при таквите обдукции и препорача тие обдукции да се прават со голема внимателност. Но, бројни антивакцинални движења во текот на ковид пандемијата невистинито ја вознемируваа јавноста со наративот дека „обдукциите биле забранети“. И во конкретната објава, се користи јазик на конспиративност и вообичаениот пристап на тие наративи – дека една мала група која се противи на најголемото достигнување на современата медицина, сигурната и безбедна вакцинација, наводно ги предупредувала граѓаните да не се вакцинираат. Повторно се настапува од позиција дека тие што се вакцинирале се „неразбудени“, а тие што не се вакцинирале се обидувале да ги „разбудат“, со што директно се прави обид за влијание врз слободната волја на граѓаните да се заштитат од ковид инфекција која до неодамна беше на ниво на пандемија. Дополнително, никогаш во Северна Македонија граѓаните не биле присилувани на вакцинација против ковид и сите вакцини се безбедни и ефикасни. Во земјава сите граѓани коишто се вакцинираа против ковид даваа изјави за информирана согласност, поточно, писмено се согласуваа да се вакцинираат. Сите вакцини се проверени ефикасни и безбедни и не претставуваат „лажна наука“.
Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози на вакцини дадени во САД помеѓу декември 2020 година и јуни 2021 година. Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет:
Од податоците на VAERS, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи. Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска. Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење. ЦДЦ уште во октомври 2021информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот. На страницата на европската агенција за лекови (ЕМА) е наведено дека вакцините против ковид-19 продолжуваат да ги штитат луѓето од сериозна болест и смрт предизвикана од ковид-19. Според наведеното на страницата, од декември 2020 година луѓето во европскиот регион примиле над 1 милијарда дози ковид-19 вакцина, што ја прави оваа програма најголемата вакцинална програма во историјата, со што регулаторите имаат досега невиден број на податоци за да ја потврдат безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19. Пред авторизација, вакцините беа тестирани во десетици илјади клинички студии со учесници коишто ги исполнија научните стандарди на ЕМА, за безбедност, ефикасност и квалитет. Како и секогаш, бенефитите од вакцините се споредуваат со нивните ризици од несакани ефекти, наведува Европската агенција за лекови ЕМА. Вакцинацијата е најдобрата алатка за да се превенираат последиците од инфекција. Инфекцијата може да предизвика сериозна болест и долготрајна штета, вклучително кај здрави возрасни и деца. Останува особено опасно за повозрасни или болни луѓе со слаб имунитет и оние со нарушен имунолошки систем. Проценките се дека милиони животи се спасени со ковид-19 вакцинација, пишува на страницата на ЕМА.
Во објавата невистинито се тврди дека „на почетокот на 20 век почнала лажна наука“ со што се алудира на вакцинацијата. Не само вакцините против ковид туку и вакцините против другите болести претставуваат најголем напредок на современата медицина со кој се сузбија, искоренија но и ставија под контрола бројни болести коишто порано предизвикувале смртни исходи. Бројот на спасени животи благодарение на вакцините се брои во милиони ширум светот. Исто така, не е точно наведеното во објавата дека вакцинацијата е „удар по нашите здравородени дечиња“. Придобивките од вакцинацијата се обезбедување на здраво поколение, колективен имунитет, спречување на ризикот од заболување, намалување на трошоците за боледување и лекување, спречување инвалидитет и други последици, спречување смртност од заболувањето, создавање отпорност на организмот кон заболувањето. Буквално сите вакцини од задолжителниот календар за имунизација на децата имаат детални описи на тоа што содржат, дозирање, збирен извештај, упатство за употреба, претставништва преку кои се набавени во земјава и се разбира, сите имаат одобрение од МАЛМЕД, единствената овластена државна агенција која има право да им даде дозвола. УНИЦЕФ исто така посочува дека вакцините поминуваат низ ригорозен процес на проверка и регулација. Не може да станува збор за вакцини чијашто формулација е штетна, ниту пак, нејзините последици би можеле да го надминуваат интензитетот на придобивките!
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.