Фотографијата споделена во објавата не е од Унгарија, туку го прикажува уривањето на виножитните скали во Истанбул поради градежни работи во 2015 година, а сликарот на скалите изјавил дека не бил инспириран од ЛГБТ активизмот и дека тие немаат политичка порака. Така што, скалите немаат никаква врска со Унгарија и со новите уставни амандмани кои забрануваат ЛБГТ активности во земјата. Овие скали во Истанбул се обновени и сè уште постојат, тие може да се видат на неодамнешните фотографии додадени на Гугл мапс Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Во Унгарија, сите ЛГБТ активности се целосно забранети. Ние Унгарците ги отфрламе глупостите од Воке.
Објавата споделува и фотографија на која е прикажано како се уриваат скали обоени во боите на виножитото. Тие бои се наоѓаат на знамето на ЛБГТ заедницата.

Парламентот на Унгарија, во кој доминира партијата Фидес на популистичкиот премиер Виктор Орбан, усвои амандман на Уставот, со кој се забрануваат јавни настани организирани од ЛГБТ заедницата и се дава право да се одземе државјанството на Унгарија на лице со двојно државјанство кое властите го оценуваат како закана за јавниот ред и мир, како и за јавната и националната безбедност. Но, скалите прикажани на фотографијата не се наоѓаат во Унгарија и нивното уривање нема никаква врска со забраната на ЛБГТ активностите, како што тоа сака да го прикаже објавата. Фотографијата, како што пишува сервисот за проверка на фактите на Ројтерс уште во 2023 година, го прикажува уривањето на виножитните скали во Истанбул во 2015 година поради градежни работи, а не за да се упати конкретна порака до ЛГБТК заедницата. Написи и фотографии од уривањето на овие скали се објавени во турски медиуми (тука), (тука), (тука) на 27 јули 2015 година, во кои се вели дека скалите се рушат поради поправки и се цитира сликарот кој изјавил дека скалите ќе бидат обновени. Во статијата нема ништо за тоа дека скалите се уништуваат поради визуелна референца на ЛГБТК заедницата. Скалите оттогаш се обновени како обележје во населбата Бејоглу во Истанбул и тие може да се видат на неодамнешните фотографии додадени на Гугл мапс.
Посетителите продолжуваат да објавуваат фотографии од скалите на Инстаграм (тука) и TripAdvisor (тука). Скалите ги обоил пензионираниот инженер Хусеин Четинел во август 2013 година, кој рекол дека не е инспириран од активизам за некоја конкретна кауза, туку дека само сакал да ги развесели луѓето, според напис на „Њујорк тајмс“ од 2013 година. Така што, оваа фотографија споделена во објавата го прикажува уривањето на виножитните скали во Истанбул поради градежни работи во 2015 година, а сликарот на скалите рекол дека не бил инспириран од активизмот и дека тие немаат политичка порака. Овие скали немаат никаква врска со Унгарија и со новите уставни амандмани кои забрануваат ЛБГТ активности во земјата. Скалите во Истанбул се обновени и сè уште постојат.
Поради сето погоре, оценуваме дека објавата e невистинита.