Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, ковид вакцините беа одобрени за кратко време, но тоа не беше за сметка на нивниот квалитет или безбедност. Утврдено е дека овие вакцини ги исполнуваат високите стандарди за безбедност, ефективност и квалитет. Исто така, објавата неточно тврди дека имало „38 илјади смртни случаи од вакцините против ковид за кои известил ВАЕРС“. Но, иако пријавата не значи дека вакцината ја предизвикала смртта, вакви манипулации и дезинформации во текот на вакциналната кампања имаше во повеќе наврати. Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
15.04.2025
Марџори Тејлор Грин:
Вакцините против Ковид беа одобрени со денови наместо со години.
1,6 милиони VAERS известува со 38 илјади смртни случаи, а медиумите молчат.
Природниот имунитет функционира.
Вакцините против Ковид се смртоносни.
Американскиот народ заслужува да ја знае вистината.
Одобрувањето од FDA за вакцините против MRNA COVID треба да се укине.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, ковид вакцините беа одобрени за кратко време, но тоа не беше за сметка на нивниот квалитет или безбедност. Како што наведува Центарот за контрола и превенција на болести на САД, преземени беа сите чекори за да се обезбеди нивната безбедност и ефикасност. Ова вклучува многу чекори меѓу кои развој на вакцината, клинички испитувања, одобрување од Американската агенција за храна и лекови (ФДА), развој и одобрување на препораки за вакцини преку Советодавниот комитет за практики на имунизација (ACIP) и Центарот за контрола и превенција на болести.
Новите вакцини прво се развиваат во лаборатории. Научниците работеа многу години на развивање вакцини против коронавируси, како што се оние кои предизвикуваат тежок акутен респираторен синдром (САРС) и Блискоисточен респираторен синдром (МЕРС). САРС-КоВ-2, вирусот што предизвикува ковид-19, е поврзан со овие коронавируси. Сознанието што беше стекнато преку минатите истражувања за вакцините против коронавирус помогна да се забрза почетниот развој на сегашните вакцини за ковид-19, наведува ЦДЦ.
По првичниот лабораториски развој, вакцините минуваат низ три фази на клинички испитувања за да се обезбеди дека се безбедни и ефективни. Ниту една пробна фаза не е прескокната. Клиничките испитувања за вакцините против ковид-19 вклучија десетици илјади волонтери од различни возрасти, раси и етнички припадности. Клиничките испитувања за вакцините ги споредуваат исходите (како на пример колку луѓе се разболуваат) помеѓу луѓето кои се вакцинирани и луѓето кои не се вакцинирани. Резултатите од овие испитувања покажаа дека вакцините против ковди-19 се безбедни и ефикасни, особено против тешки болести, хоспитализација и смрт. Пред вакцините да бидат достапни за луѓето во реални услови, ФДА ги проценува наодите од клиничките испитувања. Првично, тие утврдија дека вакцините ковид-19 ги исполнуваат стандардите за безбедност и ефективност на ФДА и им дадоа овластувања за итна употреба на тие вакцини(ЕУА) – дозволија вакцините брзо да се дистрибуираат за употреба додека ги одржуваат истите високи безбедносни стандарди потребни за сите вакцини. ФДА додели целосно одобрение за некои вакцини ковид-19. Пред да даде одобрение, ФДА ги разгледа доказите што се базираат на податоците и информациите доставени за поддршка на ЕУА. Ова вклучуваше: податоци и информации за претклинички и клинички испитувања, детали за процесот на производство, резултатите од тестирањето на вакцините за да се обезбеди квалитет на вакцината и инспекции на местата каде што се прави вакцината.
Утврдено е дека овие вакцини ги исполнуваат високите стандарди за безбедност, ефективност и квалитет на производство што ги бара ФДА за одобрен производ, наведува Центарот за контрола и превенција на болести.
Наспроти изнесеното во објавата дека имало „38 илјади смртни случаи од вакцините против ковид за кои известил ВАЕРС“, ова не е точно. ВАЕРС е дел од националниот систем за следење на безбедноста на вакцините во САД, кој е раководен од ЦДЦ и ФДА, односно од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и Администрацијата за храна и лекови (ФДА), кои се грижат на федерално ниво за сите прашања поврзани со спроведување и контрола на здравствените политики и состојби во САД. ВАЕРС има и Упатство за толкување на податоците што се објавуваат. Ова Упатство е јасно назначено на првата страница на ВАЕРС сајтот и во него уште на почетокот се наведува:
При проценка на податоците од ВАЕРС, важно е да се напомене дека за кој било пријавен настан, не е воспоставена никаква причина-последична врска. Извештаите за каква било врска помеѓу вакцините и несаканите дејства (можни несакани ефекти) се водат во ВАЕРС . Затоа, ВАЕРС собира податоци за каков било несакан настан по вакцинирањето, било да е тоа случајно или навистина предизвикано од вакцина. Извештајот за несакан настан до ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала настанот.
Со други зборови, пријавата не значи дека вакцината ја предизвикала смртта. Извештаите на VAERS можат доброволно да доставуваат сите, вклучително и давателите на здравствени услуги, пациентите или членовите на семејството. Извештаите се разликуваат по квалитет и комплетност. Тие честопати немаат детали, а понекогаш може да имаат информации што содржат грешки. Не е точно ниту наведеното во објавата дека ковид вакцините се смртоносни. На сајтот на Европската медицинска агенција за европскиот регион е наведено дека вакцините против ковид-19 продолжуваат да ги штитат луѓето од сериозна болест и смрт предизвикана од ковид-19. Тие не се смртоносни туку штитат од смрт. Оттаму додаваат дека од декември 2020 година луѓето во европскиот регион примиле над 1 милијарда дози ковид-19 вакцина, што ја прави оваа програма најголемата вакцинална програма во историјата. Тоа им дава на регулаторите досега невиден број на податоци за да ја потврдат безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19.
Пред авторизација, вакцините беа тестирани во десетици илјади клинички студии со учесници коишто ги исполнија научните стандарди на ЕМА, за безбедност, ефикасност и квалитет. Како и секогаш, бенефитите од вакцините се споредуваат со нивните ризици од несакани ефекти. Вакцинацијата е најдобрата алатка за да се превенираат последиците од инфекција. Инфекцијата може да предизвика сериозна болест и долготрајна штета, вклучително кај здрави возрасни и деца. Останува особено опасно за повозрасни или болни луѓе со слаб имунитет и оние со нарушен имунолошки систем. Проценките се дека милиони животи се спасени со ковид-19 вакцинација, пишува на страницата на ЕМА.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.