И граѓаните и власта се (сè уште) доминантно проевропски и прозападно ориентирани, без оглед на сета неизвесност што ја носи иднината поради големите промени во меѓународните односи, особено по промената во политиките на најголемите меѓународни „играчи“. Денот на победата над фашизмот се празнува и се одбележува и во Скопје (и во сите други градови во земјата), но и како Ден на Европа, а на 8 мај како Ден на победата се одбележува и во Лондон, во Париз, во Брисел…односно во целата ЕУ, пишува „Вистиномер“ Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:
Професорката Билјана Ванковска испрати советодавна реакција за македонските власти да побрзаат да купат карта за Москва за да се одбележи Денот на победата над фашизмот, а по изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос која се однесува на С. Македонија: Да сум на власт, после оваа изјава на Словенката Кос, комесарка за (не)проширување на ЕУ (патем, ја прочитав целата изјава), јас би купила карта за Москва. Да прославам Ден на победа над фашизмот! ЕУ е и забегана и изгубена. (извор – ФБ статус на Ванковска). Ваквиот јавен став на професорката заслужува мало дообјаснување поврзано со доминантната реалност во и околу земјава, која во неколку најважни сегменти е следна:
- Руската Федерација од 2022 година официјално ја третира С. Македонија како непријателска земја;
- Сè уште доминантното мнозинство македонски граѓани (околу 60 отсто), се за приклучување на земјата во Европската Унија;
- Владата на РСМ официјално сè уште е на патот на исполнување на Реформската агенда за во ЕУ, иако бара разбирање и гаранции од самата ЕУ околу преговорите и влијанието на билатералните прашања врз истите;
- Стратешкото партнерство со САД за сегашната влада е повеќе од цврсто, со можност за натамошно продлабочување („врвен приоритет“).
Со други зборови и граѓаните и власта се (сè уште) доминантно проевропски и прозападно ориентирани, без оглед на сета неизвесност што ја носи иднината поради големите промени во меѓународните односи, особено по промената во политиките на најголемите меѓународни „играчи“. Конечно, иако никој не може да го негира придонесот на некогашниот Советскиот сојуз за победата над фашизмот во Втората светска војна, никој и никогаш не може да ги негира и жртвите на сите други земји што се бореа против фашизмот и на Запад и на Исток и на Југ и на Север, вклучително и жртвите од македонските и сите други граѓани што се бореа ем против фашизмот, ем за создавање македонска држава. Затоа, Денот на победата над фашизмот се празнува и се одбележува и во Скопје (и во сите други градови во земјата), но и како Ден на Европа, а на 8 мај како Ден на победата се одбележува и во Лондон, во Париз, во Брисел…односно во целата ЕУ. Извор: Новинска агенција МЕТА