Министерството за култура и туризам попладнево информира дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно Законот и Колективниот договор. – Причините за доцнењето се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии, стои во соопштението од Министерството за култура и туризам. Синдикатот на културата претходно преку соопштение изрази незадоволство поради неисплатените мартовски плати поради, како што наведуваат, ненавременото усогласување со минималната плата согласно одредбите од Колективниот договор за култура и со Општиот колективен договор.
– Вработените во културата во Република Македонија останаа со едно големо ништо за најголемиот христијански празник „Велигден“. Секој март од 2021 па наваму, кога се коригира минималната плата и кога платите во културата треба да се усогласат со минималната плата според Колективниот договор за култура, и оваа година, вработените во културата се соочија со проблеми. Овој пат – и БЕЗ ПЛАТА! За државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според КД за култура, или се спорни 10% според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок, наведоа од Синдикатот. Синдикатот посочи дека според Колективниот договор за култура, платата треба да се исплати до 10-ти во месецот, а според законите во државата до 15-ти, но дека до тоа не дошло, поради што најавија протести во вторник