Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој одлучи самостојно да излезе на локалните избори, без Коалицијата Вреди, призна дека разговарал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во интервју за „Лајм“ изјави дека немало средба, но дека се слушнале телефонски.
-Не, не, не. Имаше телефонски разговор и тоа е… одговори кратко Таравари.
Репреговарање на владиното партнерство ќе бара лидерската тројка од Вреди, најави Билал Касами, лидерот на Беса, по одлуката на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари да оди со сопствени советнички листи на локалните избори. Лидерската тројка од Вреди – Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими – ќе бара премиерот Христијан Мицкоски да му се заблагодари на Таравари за учеството во Владата.
Од Алијанса за „Слободен печат“ вчера изјавија дека немаат намера да ја напуштат Владата, но ако премиерот го побара тоа, тие ќе поднесат оставки, затоа што никогаш не им било приоритет по секоја цена да бидат дел од власта. И за помалиот владин партнер ЗНАМ неприфатлив е владин партнер што „соработува“ со ДУИ. Висок функционер од Владата за „Слободен печат“ порача дека одлуките треба да се носат со студени глави. Како што веќе објавивме, за ВМРО-ДПМНЕ несогласувањата во Вреди се внатрекоалициски и засега нема да влијаат врз Владата, односно ако Алијанса не биде дел од Вреди, на „Илинденска“ ќе партиципира како четврти владин партнер.