Во Кочани за денеска на пладне е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи. Семејствата на настраданите на последниот протест искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Во пожарот во дискотеката на 16 март настрадаа 62 лица, од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер во дискотеката. За трагедијата се води опсежна истрага во која се вклучени 13 обвинители и според надлежните, извршени се голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица меѓу кои поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување.