Денеска во Рим продолжуваат клучните преговори меѓу иранската и американската делегација за иранското нуклеарно прашање, со посредство на Оман. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера изрази „сериозни сомнежи“ во намерите на САД пред вториот круг преговори со Вашингтон. – Иако имаме сериозни сомневања за намерите и мотивацијата на американската страна, и покрај се ќе учествуваме во утрешните преговори, рече Арагчи на прес-конференција во Москва заедно со неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Тој рече дека иранската страна е целосно подготвена да работи на мирно решение на спорот за „мировната нуклеарна програма на Иран“. Првиот круг разговори се одржа минатата недела во Маскат, Оман, а двете страни, Иран и САД, го оценија како „конструктивен“. Западните земји предводени од САД и Израел се сомневаат дека Иран сака да развие нуклеарно оружје, што Техеран го отфрла, укажувајќи дека има право да развива нуклеарни програми за цивилни цели.