Во завршна фаза е реконструкцијата на магистралниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,3 километри, за што се инвестирани 11,6 милиони евра, средства обезбедени од буџет на Јавното претпријатие за државни патишта. Со рехабилитација на оваа главна туристичка сообраќајна делница, ја подигнуваме безбедноста во сообраќајот и обезбедуваме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум. Исто така овој магистрален пат има регионално значење бидејќи претставува патна врска со Република Албанија. Досега, со завршен асфалт комлетно е асфалтиран потегот од граничниот премин на Република Албанија до Пештани во должина од 19 километри – информираат од Министерството за транспорт.
Оттаму додаваат дека заради зголемување на безбедноста во сообраќајот како и прегледност на патот се изврши растеретување на косини од нестабилен карпест материјал, завршено е со монтажа на заштитна челична мрежа на косините, а исто така на дел на патот поставена е заштитна ограда. Согласно договорниот рок, се очекува патот комплетно да биде завршен до крајот на јуни пред почетокот на летната сезона. Oстанува да се доасфалтираат уште околу 5 км од излезот на Пештани до хотелот „Метропол“, да се постави заштитна ограда како и хоризонтална и вертикална сигнализација.