Опозициските ДУИ и СДСМ денеска повторно оценија дека се води селективна истрага за пожарот во Кочани и дека се штитат директно одговорните за трагедијата, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека двете партии тонат во безизлезноста и неспособноста. – Во историјата на Македонија немало акција каде било уапсен актуелен министер, актуелен градоначалник, поранешни градоначалници и министри во исто време. Брутално безобразие е партиите СДС и ДУИ да велат дека има селективна акција, истите тие чии претседатели се товареа со украдени пари, изјави денеска Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ истрагата ја оценија како пример за правна импровизација, воден не од закон, туку од желба за аплауз. – Наместо да ја води истрагата низ призмата на правдата, обвинителството ја поставува низ призмата на популизмот и спасување на Владата. Целата академска и правна фела гласно алармира: овој пристап е антиуставен, спротивен на праксата и антипрофесионален. Тој не произлегува од правната наука, туку од политички договор со извршната власт, велат од ДУИ.
Од Левица, која поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Топковски, велат дека целата процедура околу интерпелацијата е законска. Лидерот на партијата Димитар Апасиев најавува и интерпелации за премиерот и за државниот јавен обвинител. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска е во посета на СВР Охрид и Регионалниот центар Запад, во изјава за медиумите рече дека истрагата е во тек и дека МВР постапува по наредба на Обвинителството. Тошковски се надева дека за краток период ќе се затвори истрагата. И додека партиите си ја префрлаат одговорноста, денеска во Кочани семејствата на настраданите одржаа трет протестен марш од кој порачаа дека нефунционалноста на системот е причина за големата трагедија.