Откако мерката на Владата, со која маркетите задолжително треба да ги објавуваат цените на своите веб-страници, наиде на голем потсмев кога беше најавена, сега истата се докажува и како целосно нефункционална. На граѓаните им е потребен околу еден час само за да споредат еден производ во сите маркети. Доколку треба да направат споредба на сите производи што редовно ги купуваат, веројатно би требало да земат ден одмор од работа.
СДСМ уште на почетокот алармираше дека оваа бесмислица ниту ќе помогне да се намалат цените, ниту некој реално ќе има корист од неа, но Владата не слушаше. Наместо да ги прифати мерките на СДСМ, со кои реално ќе се намалеа цените на основните производи, Владата реши да им замачкува очи на граѓаните. Резултатот, месеци подоцна, е целосно неупотреблива алатка, осудена на пропаст – и цени кои се вивнати во небо. Десетици милиони евра е државниот грабеж што им е направен на граѓаните како резултат на лошите политики на Владата и работењето во интерес на трговците.