„Тоа е државата. Една голема дивоградба без лиценца. И најстрашно е што тоа никому не му пречи. А и да ни пречи, кому да се жалиш, кога не им пречи ни на тие на кои им плаќаме да им пречи“. Ова е поднаслов од мојата колумна објавена пред три години, на 15 април 2022. Повод беше убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред дискотека во Скопје. Истрагата за убиството откри дека клубот работел без лиценца. Тогаш имавме една жртва пред дискотека што не смеела да работи во Скопје. Три години подоцна имаме 62 жртви во дискотека што не смеела да работи во Кочани. Дозволете ми уште еден цитат од истата колумна објавена пред три години: „Дали некој верува дека ќе се открие причината за пожарот во кругот на поранешната фабрика за мебел ‘Треска’ во скопската општина Центар? Дали некој верува и дека ќе има некоја истрага од што настанал пожарот? Дури и да има истрага, дури и да се открие некоја банална причина, дали некој ќе верува дека пожарот не бил подметнат за да се намали пазарната вредност на парцелите на кои треба да се градат згради?“
И сега, како да страдаме од колективна амнезија, ни се појавува поранешниот министер за градежништво и транспорт Благој Бочварски на телевизија и зборува нешто за истрагата за трагедијата во Кочани и кажува дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски треба да поднесе оставка. Па и други пратеници на СДСМ имаат нешто да кажат за Кочани. И Бочварски, и другите од СДСМ, барем тие чиишто имиња уште им ги паметиме како функционери, најдобро е сега да си молчат. Збор да не им чуеме. А ако веќе имаат потреба нешто да кажат, тогаш најдобро е да се извинат. Да се извинат за сите зулуми што ги направија со продажбите на државно земјиште и дооформувањето парцели за урбанистичкото и архитектонското силување низ државата и за сите премолчувања и затворање очи пред тоа силување и неказнивост на силеџиите. И да се извинат дека нѐ лажеа оти ќе го сопрат урбанистичкото дивеење што го правеше ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе ги казнат силеџиите и ќе ги исправат грешките, а не да удрат уште посилно и да го охрабруваат силеџиството.
Тоа што сега СДСМ и ДУИ ни го кажуваат е апсолутно невалидно, оти еве, ги гледаме последиците од тоа што го правеле, или не го правеле кога биле на власт. Сѐ да им се олесни на ајдуците и силеџиите, а да им се искомплицира на граѓаните. Почнувајќи од летните тераси што ги заградија и ги узурпираа и тротоарите и парковите, па до чудовиштата што допрва ќе го задушуваат Скопје кај „Холидеј ин“ и старата железничка станица, станбените блокови во старите фабрики „Треска“ и „Алумина“, комплексот околу болницата „8 Септември“, уништувањето на сите населби за индивидуално домување со зградички од по 20 стана, без паркинзи и гаражи, со што од алчност не оставија ни педа од тротоарот барем нивните деца да одат по коловоз за безбедно да стигнат до школо, па преку уништувањето на Охрид и Струга сосе крајбрежјето, пркосејќи му и на УНЕСКО, заштитената зона Матка, бетонизирањето на Националниот парк Маврово, дивоградбите на Шара…Како викаше Заев во Охрид, 2019 – Не може да биде „Не“, ќе најдат начин како да биде „Да“! И ги потврди нормите за урбанизам што важат до денеска. Е па, еве. Бидна „Да“ со 62 жртви. И со Кочани – цел град во црно.