Погребот на папата Франциск ќе се изврши најдоцна за девет дена, а во рок од еден месец ќе биде свикана конклава за избор на неговиот наследник, соопшти Ватикан, цитиран од италијанската новинска агенција АНСА. Поглаварот на Римокатоличката црква почина изутрината на 88-годишна возраст, откако имаше тешка билатерална бронхопневмонија, за која беше потребна привремена хоспитализација во февруари. Ѕвоната на базиликата Свети Петар во Ватикан одекнаа денеска на истоимениот плоштад за да известат за смртта на папата Франциск, првиот латиноамерикански поглавар на Римокатоличката црква. Неговите претходници биле закопани во ковчези направени од чемпрес, олово и даб. Папата Франциск се одлучи за едноставен дрвен ковчег обложен со цинк, пренесува Би-би-си.
Тој, исто така, ја отфрли традицијата на јавно поставување на телото на папата на подигната платформа во базиликата Свети Петар. Наместо тоа, ужалените ќе бидат поканети да му оддадат почит додека неговото тело е во отворен ковчег. Франциск, исто така, ќе биде првиот папа по повеќе од 300 години кој ќе биде погребан надвор од Ватикан. Тој ќе почива во базиликата Света Марија Велика, една од четирите главни папски базилики во Рим.