Новата германска влада, која ќе ја сочинуваат демохристијаните и социјалдемократите, планира во наредните години да инвестира дури 500 милијарди евра во обнова на дотраената инфраструктура – железници, патишта и мостови. Тие, исто така, сакаат да го решат хроничниот недостиг на станови во земјата. Сепак, за постигнување на овие амбициозни планови ќе биде потребна огромна работна сила – и квалификувана и неквалификувана. Тука настанува парадоксот. Иако потребите се огромни, Владата во исто време планира да го ограничи доаѓањето на работници од Западен Балкан, кои во претходните години успешно ги покриваа потребите на германскиот пазар на труд, особено во градежниот сектор. Правилото кое ги донесе работниците Правилото за Западен Балкан, воведено во 2016 година, им овозможи на германските работодавци да вработуваат работници од регионот дури и без квалификации – доволна беше само понуда за работа. Ова беше особено корисно за градежните компании на кои им недостасуваат токму тие профили.
Одлуката нема да влијае само на големите проекти, туку и на домувањето. Аксел Гедаско, директор на Здружението за изградба на станови (GdW), предупредува дека „намалувањето на протокот на работници од Балканот дополнително ќе го влоши и онака сериозниот недостиг на работна сила на градилиштата“. Не се задоволни ниту германските занаетчии. На Јан Даненбринг од Централното здружение на германски занаетчии (ЗДХ) не му е јасно зошто се намалува квотата, особено кога се знае дека условите не се променети од минатата година. Експертско предупредување: „Се праќа погрешен сигнал“ Сличен став имаат и експертите за пазарот на трудот. Херберт Брикер, од Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ), смета дека оваа одлука „праќа погрешен сигнал“. Тој потсетува дека гореспоменатото правило досега покажало одлични резултати – 95 до 98 отсто од оние кои влегле во земјава преку оваа програма остануваат вработени и редовно плаќаат придонеси. Заклучокот на работодавците и експертите е јасен: ако Германија сака вистински да спроведе амбициозни инфраструктурни проекти и да го зголеми бројот на станови, ќе и треба секој работник – вклучително и оние од Балканот.