Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега, по страшниот пожар во Кочани во кој пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението, порачува архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Пасхалното послание.
Во посланието од поглаварот и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, се посочува и дека оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, на кој е донесена одлука со која е најавено воскреснувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.