Пратениците во косовското Собрание ниту денеска не избраа претседател и потпретседатели на тоа тело, бидејќи движењето Самоопределување побара дополнително време за постигнување политички договор со другите партии, откако опозицијата најави дека повеќе нема да го поддржи нивниот кандидат за претседател на парламентот. Неодамнешниот претседател на Собранието, Гљаук Коњуфца, на почетокот на денешната седница рече дека нема да го менува предлогот Аљбуљена Хаџиу повторно да биде кандидат за претседател, но дека, поради најавата на опозицијата дека нема да ја поддржат, им треба дополнително време.
Претседавачот на седницата, Авни Дехари прогласи прекин и го најави продолжението на седницата за среда во 10:00 часот.
Во собраниската сала беа присутни 117 пратеници. Денешната седница, четврта по ред во напорите за конституирање на ново свикување на соборот, започна со едноминутно молчење во чест на починатиот папа Франциско. На изборите одржани на 9 февруари најмногу пратенички места во Собранието освои движењето Самоопределување – 48, потоа Демократската партија со 24, Демократскиот сојуз со 20, Сојузот за иднината со иницијативата Нисма со 8 и Српската листа со 9. Еден мандат има партијата „За слобода, правда и опстанок“, а останатите 10 пратенички места ги имаат претставниците на несрпските малцински заедници.