Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Собранието на Република Северна Македонија се обрати на дебатата на тема: „Забрзување на интеграцијата: Придобивките од Реформската агенда за институционално зајакнување и усогласување со ЕУ“. Во својот говор министерот Муртезани ја потенцираше важноста на Реформската агенда која претставува многу повеќе од листа на услови за членство во ЕУ. Тој рече: „Таа е симбол на нашата заедничка амбиција за да изградиме поправедно, попродуктивно и потранспарентно општество. Улогата на Парламентот во овој процес е клучна. Тука, преку дискусии и одлуки, овие реформи добиваат вистински живот и импулс.“ Кога последен пат се обратив овде, пред Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија, истакнав дека има моменти во историјата што не се дефинирани само од нашата решеност, туку и од храброста и визијата на нашите партнери. Денес, пред вас, чуварите на законодавната моќ, ја повторувам таа порака. Нашата иднина во Европа не е некоја апстрактна цел на далечниот хоризонт; тоа е реалност што ја создаваме, ден по ден, преку нашата заедничка посветеност.
Ова Собрание, повеќе од кое било друго, знае дека европската интеграција на Северна Македонија веќе не е само аспирација. Таа е стратешка неопходност, сеопфатен процес што бара реформи, политичка храброст и институционална посветеност без отстапки. Реформската агенда 2024–2027, поради која сме денес овде, е токму тоа: патоказ кој не е создаден за Брисел, ниту само за институциите на ЕУ, туку пред сè за граѓаните што ги претставуваме, чија доверба е темелот на нашата демократија. Пред нас имаме јасна и конкретна Агенда, структурирана околу клучни приоритети: добро управување и владеење на правото, економска отпорност, зелена и дигитална трансформација и развој на човечкиот капитал. Секоја од овие реформи длабоко е втемелена во реалноста, не се работи за апстрактни политики. Тие директно се однесуваат на предизвиците со кои секојдневно се соочуваат нашите граѓани, од административни пречки и неефикасни јавни услуги, до корупција, невработеност и еколошки проблеми. Како што веќе подвлеков од оваа говорница, Европа и Северна Македонија делат заедничка иднина. Но, таа иднина се обликува тука, дома, преку нашата волја и силата на нашите институции. Затоа зајакнувањето на владеењето на правото е темелот на нашата Реформска агенда. Обезбедувањето независно судство и ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал е суштинско – не само како услов за пристапување во Унијата, туку како основно право на секој граѓанин.
Последните законски иницијативи, како што се донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и засилената транспарентност во јавните набавки, се конкретни позитивни чекори. Сепак, реформите не се само прашање на закони, тие се прашање на лидерство. Потребна е храброст за да се прифати транспарентноста, интегритетот и отчетноста. Тие вредности мора да бидат неизоставен дел од нашата јавна администрација и државни институции. Со целосната имплементација на Законот за буџети и со реорганизација на државната администрација, веќе чекориме кон поефикасно и поодговорно управување. Зелената и дигиталната транзиција, иако понекогаш се доживуваат како технички или далечни политики, имаат мошне практични импликации. Кога зборуваме за енергетски реформи и дигитална инфраструктура, зборуваме за почист воздух, пониски сметки, побезбедни онлајн услуги и поефикасни јавни институции. Кога инвестираме во обновливи извори на енергија или кибер безбедност, директно инвестираме во квалитетот на животот и иднината на нашите деца. Во сржта на Реформската агенда е инвестицијата во човечкиот капитал. Преку реформирање на средното стручно образование и градење вештини според потребите на пазарот, директно ги оспособуваме младите да се развиваат во динамична економија. Овие реформи, поддржани од дигитализацијата на образованието, ќе создадат флексибилна и подготвена работна сила, која ќе може самоуверено да се справува со предизвиците што доаѓаат.
Повторно нагласувам дека Реформската агенда претставува многу повеќе од листа на услови за членство во ЕУ. Таа ја симболизира нашата заедничка амбиција да изградиме поправедно, попродуктивно и потранспарентно општество. Улогата на Парламентот во овој процес е клучна. Тука, преку вашите дискусии и одлуки, овие реформи добиваат вистински живот и импулс. Вие, почитувани пратеници, сте архитекти на оваа трансформација. На располагање ни се околу 750 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, средства доверени на Република Северна Македонија врз основа на нашиот потенцијал и нашата одговорност. Овие средства не се само финансиски алатки, туку се израз на довербата на Унијата во нашата волја и способност за успех.
Дозволете да повторам: вашата улога, почитувани пратеници, е навистина значајна. Со одлучно законодавство и буден надзор, вие директно го одредувате темпото и успехот на нашата интеграција. Нашата визија е јасна: Северна Македонија интегрирана во ЕУ, со силни институции, конкурентна економија и обединето општество. Остварувањето на оваа визија во голема мера зависи од вашата континуирана поддршка и посветеност.
Како Министер за европски прашања и национален координатор за Реформската агенда и за Инструментот за реформи и раст, ве уверувам дека сум целосно посветен на оваа стратешка цел. Заедно со стручниот тим од Министерството за европски прашања, остануваме во целост на располагање за поддршка, размена на информации и координација со цел ефективна имплементација. Ајде заедно да покажеме политичка зрелост, законодавна ефикасност и институционална сила. Заедно, нема само да ги следиме европските стандарди, туку ќе ја олицетвориме самата европска идеја.